„ГОРНА ЦРКВА“ – СТАРАТА ЦРКВА ВО СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО СРУШЕНА ПО НАРЕДБА НА ТУРСКАТА ВЛАСТ

При влезот во селото Крушевица од северната страна, на ритчето со зарамнета површина, познато како „Горна Црква“, се наоѓаат остатоци од стара црква, и тоа темели од стара градба на црква и неколку плочи, меѓу кои една со вдлабен крст, кои се дел од стара црква со некропола. Според преданието, црквата во селото се наоѓала на ова место во старо време. Кога дошле Турците и завиделе на убавата градба која била поставена на најубавото место во селото и му наложиле на жителите да ја преместат на пониско место, односно на местото на денешната црква „Св. Архангел Михаил“. Имено, Турците не сакале христијанската црква да биде толку „ачик“ и да ги „засенува“ градбите на нивните кули во селото, кои ги имало 7–8 од кои, па затоа ги приморале жителите на Крушевица да изградат црква на пониско место во селото каде неам да им го „боде“ очите. Според извесни информации, старата црква била срушена околу 1830 година.

Новата црква на л. „Горна Црква“
Новата црква на л. „Горна Црква“

Жителите на селото Крушевица на празникот Крстовден, по стара традиција, редовно доаѓаа на „Горна Црква“ и го празнуваа овој празник. Денес на местото на старата црква е изградена нова црква и празникот Крстовден продолжува да се прославува со голем народен собир

Црквата „Св. Архангел Михаил“
Црквата „Св. Архангел Михаил“

Од старат градба на местото можеа да се видат и некои архитектонски остатоци, како една основа од столб, камена плоча со убаво издлабен и оформен крст, градежен камен и сл. Според извесни раскажувања, на рамнината пред денешната црква имало и гробишта, на што упатуваат и извесни плочи на површината на теренот. Некои од постарите жители тврдеа дека токму овде биле погребани и двајца комити од четата на војводата Петре Ацев, чии имиња се среќаваат како Симон и Кице, но не е познато од каде потекнувале. Битката се случила во февруари 1904 година кога во селото се нашле четворица комити на чело со војводата Петре Ацев. Додека Ацев и уште еден комита успеале да се извлечат од селото и да се спасат, Симон и Кице биле затекнати во една плевна покрај селската река и тука загинале во битка со аскерот, кој ја запалил плевната со покрив од ржаница.

Селото Крушевица
Селото Крушевица