УНИШТЕНА АНТИЧКА БАЊА НА ЛОКАЛИТЕТОТ ТАШАЧИЦА, ГРАДБА ОД СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП

Немоќта со која се соочуваме во заштитата на ваквите културни содржини не доведува во непријатна положба, не само нас, кои денес живееме на овој простор, туку и идните генерации, кои на овој начин се лишуваат од остатоците на културата и корените на живеењето на овој простор.

Чешмата „Ташачица“
Чешмата „Ташачица“

Просторот на Заград кој се наоѓа од југозападната страна на Марко ви Кули е можеби најинтересниот и во исто време најнеистражениот. За содр жи ните што тој ги поседува како наследство од древната цивили за ција на некој начин

знаеле обичните луѓе кои живееле на просторот на Варош во подоцнежните периоди. Тоа го потврдуваат зачуваните преданија кои ги пренесува Марко Цепенков . – „Во синорот Заграцки кај да копат чоек ќе најдит темели со тули и камен и вар од старио град што бил во старо време. Така и во синорот Варошки секаде имат стари темели“1 – забележал Цепенков. Современите истражувачи од големата површина која ја зафаќа Заград го истражувале просторот на т.н. место Ташачица, од јужната страна на Маркови Кули. Ташачица е блиску до населбата Варош и од неа ја дели мал крак од Маркови Кули со мала височина преку која води пат кон широкото поле на Заград каде што се расположени голем број лозја, ниви и имоти на жителите на Варош, се чини, од многу далечни времиња. На просторотна Ташачица има поголем број разновидни археолошки наоди од различни времиња. Тие се присутни и на самото ритче кое ова место го крие од Варош во форма на гробови во камен, разни длабнатини кои биле дел од некогашни конструкции на градбите, керамички парчиња и др. Делот кој паѓа косо надолу од Маркови Кули, исто така е полн со вакви траги, посебно со голем број гробови–корита, а на понискиот дел, во близина на патот за Заград, кај чешмата Ташачица, се наоѓаат остатоци од античка бања, која археолозите ја датираат во римско време.

Бањата по извршеното истражување и конзервацијата
Бањата по извршеното истражување и конзервацијата

Тука, непосредно до денешната чешма Ташачица, се пронајдени остатоци од градбата на бањата, која е археолошки истражувана и делумно реставрирана и конзервирана. За жал, пред околу две години, непознати лица, веројатно во потрага по скриено богатство, сосема ја разорале со тешка машинерија и денес од градбата има само растурени делови од ѕидот и извесен археолошки матаријал, како тубулуси од водоводниот и одводниот систем на бањата, фрагменти од керамички садови и сл. На тој начин, сите вложувања направени за зачувување на еден ваков објект од стариот град Прилеп, станаа залудни, а со тоа избришан е уште еден значаен споменик на културата и дел од содржините на древниот град. Според археолозите, токму во овој дел, при археолошките истражувања се констатирани остатоци од „населба од градски тип“, која се развила во крајот на третиот и почетокот на четвртиот век2 и продолжила да егзистира и во доцната антика и раното христијанство. Освен бањата, во тој простор делумно е истражувана и поголема некропола.3

По уништувањето 7
По уништувањето 7

Токму од оваа страна на Маркови Кули, на повисоките делови и падините, се среќаваат голем број гробови во карпа, две поголеми аристократски гробници од македонски тип и други културни остатоци. Во близина на бањата сенаоѓала и извесна значајна градба, верјатно стара црква,4 од која денес на теренот се среќаваат поголем број, помали и поголеми мермерни остатоци, постаменти, столбови и сл.5

Размислувајќи за уништениот објект, кој се наоѓал во непосредна близина на денешната чешма, позната под името Ташачица, доаѓаме до констатација дека изворот кој денес го користи чешмата во стариот град Прилеп бил експлоатиран токму за споменатата бања, што значи неговата вода била спроведена преку керамички цевки во системот на бањата, која веројатно имал јавен карактер. Тоа значи дека традицијата на чешмата Ташачица, односно на користењето на изворот, е стара најмалку 2000 години. Од друга страна, би морало да се заклучи дека бањата се наоѓала во извесен населен дел од населбата, ако не и во самиот центар или во негова близина. Тоа, пак, упатува на фактот дека слични објекти постоеле и во околниот простор, односно, откривањето на бањата значело „влез“ во значаен дел од стариот град. Изобилството од разновидни археолошки остатоци кои се среќаваат по денешните земјоделски површини, меѓу кои и градежен материјал, остатоци од ѕидови и сл. уште повеќе ја зацврстуваат ваквата констатација.

По уништувањето 4
По уништувањето 4

Сите овие траги и споменатите објекти укажуваат на значењето на населбата, односно, на градскиот карактер кој го имала таа, што не упатува да констатираме дека тие остатоци се дел од големиот број разновидни објекти на стариот град Прилеп. Немоќта со која се соочуваме во заштитата на ваквите културни содржини не доведува во непријатна положба, не само нас, кои денес живееме на овој простор, туку и идните генерации, кои на овој начин се лишуваат од остатоците на културата и корените на живеењето на овој простор. Со нивното „бришење“ од лицето на земјата, сè повеќе ја губиме и можноста за вистинско сознание за животот во античкиот Прилеп и за димензиите кои ги зафаќал во тоа време.