ЗАБОРАВЕНАТА ЦРКОВНА УМЕТНОСТ НА ЦРКВАТА „СВ. СПАС“ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЧЕБРЕН“ КАЈ СЕЛОТО ЗОВИЌ, ОПШТИНА НОВАЦИ

Нашата негрижа е евидендтна. Нема оправдување кога пред нашите очи пропаѓаат културни вредности од непроценливо значење. Црковни вредности, христијанска уметност, писмени документи, податоци за времето и културата на нашиот простор, неповратно исчезнуваат, а ние креваме раменици, правдајќи се со нашата „немоќ“ (материјална, институционална, кадровска). Тоа е впечатокот, кој го остава посетата на локалитетот “Чебрен” со големиот број културни вредности од различни периоди. На овој локалитет постои и една помала црква која потекнува од 16 век. Таа во внатрешноста е живописана и, според стилот, живописот се датира во 16 век. Оваа мала црквичка “Св. Спас” е изградена од камен и малтер и се наоѓа на една помала тумба јужно од тумбата со тврдината а, според она што може да се насети на теренот, еден од одбрамбените антички ѕидови води токму до неа. Всушност, таа како да била изградена на аголот на тој постар заштитен ѕид.

Малата црква „Св. Спас“ на доминантна тумба
Малата црква „Св. Спас“ на доминантна тумба

При посетата на црквичката, поставена на доминантно место над долината по која поминува старата река Еригон, сега Црна Река се соочувате со култура која ве доведува во недоумица, споредувајќи ги содржините во неа, со дивата река, која се пробива низ длабоката клисура, меѓу високите брегови, со пространиот, ретко посетуван простор и општата природна стихија. Пред влезот во црквата ве пречекува еден добро оформен столб од домороден камен делумно закопан во земјата, дел од постара градба, какви што овде има во изобилство, а потоа, влегувајќи внатре, соочувајќи се со оштетениот, но очигледно, квалитетен живопис, со завиден број библиски претстави и христијански ликови, се соочувате со контраверзни чувства на радост, возбуда и разочарување. Радоста и возбудата се од можноста да сретнете такви духовни содржини,  култура и уметност, а разочарувањето од запуштеноста и негрижата за нив, како и стравот од нивното комплетно губење, со оглед на состојбата во која се наоѓаат.

Црквата  „Св. Спас“ од запад - од поголемо растојание
Црквата „Св. Спас“ од запад – од поголемо растојание

ДЕЛА ОД НЕПОЗНАТ, НО ВЕШТ УМЕТНИК

На ѕидовите на скромната градба, која зафаќа површина од само десетина м2, извесен непознат но, очигледно, вешт црковен уметник, насликал поголем број библиски сцени и голем број христијански ликови со особена импресивност, со употреба на повеќе живи бои, кои ја разбиваат рамнодушноста кај набљудувачот. За жал, голем број од нив се значително оштетени, па дури и тешко се препознаваат. Оштетен е и главниот документ од површината на ѕидовите, односно, документот кој говори за чинот на изградбата и живописувањето, можеби и за имињата на зографите и ктиторите, но тоа е тешко да се прочита со оглед на состојбата во која се наоѓа. Во натписот, кој се наоѓа во рамка во форма на вертикален правоаголник на јужниот ѕид, отпаднал добар дел, токму од средината на натписот и тоа оневозможува  да се разбере поголем дел од содржината. Освен почетниот текст, кој е посветен на отецот, синот и светиот дух, може да се распознае и извесно име на извесен јеромонах Варлаам, а другиот дел е сосема тешко да се прочита, барем за нас. На тој начин сме лишени од можноста да дознаеме значајни податоци за едно вистинско христијанско, уметничко, па и историско случување во овој простор пред четири века, како и од еден убаво испишан писмен споменик од тоа време.

Црквата „Св. Спас, од северозападна страна
Црквата „Св. Спас, од северозападна страна

Од добро хармонизираните композиции, сразмерноста на фигурите и впечатливиот израз на ликовите, складноста на боите, нагласувањето на анатомијата, потенцирањето на деталите и украсувањето на облеката и другите елементи на живописот, може да се каже дека овде во овој, скромен по градба, христијански храм, престојувал и работел извесен зограф со нагласена уметничка вештина и христијанска наобразба. За жал, неговото име не ни е познато, пред се, поради оштетениот натпис на јужниот ѕид на кој, веројатно, било запишано.

ЦРКВАТА БИЛА КОМПЛЕТНО НАСЛИКАНА ВО ВНАТРЕШНИОТ ДЕЛ

Забележливо е дека внатрешните ѕидови на црквата биле комплетно украсени со живопис со одбрани библиски сцени и христијански ликови. Може само да се претпостави дека живопис имало и на таванот на црквата, но тој, веројатно, претрпел оштетување во некој од минатите векови и денес имаме сосема обичен и неукрасен таван и покрив на градбата од ѓерамиди од посовремен тип.

Црквата  „Св. Спас“ од запад
Црквата „Св. Спас“ од запад

Композициите и ликовите биле подредени во два реда по вертикалните ѕидови, при што во долниот ред се распоредени поголем број значајни свети ликови, а во горниот ред композиции, односно претстави на библиски случувања и христијански настани поврзани со паташествието на Исус Христос. На западниот ѕид, во долниот ред, се среќаваме со ликот на св. Архангел Михаил, од десната страна на влезот и со св. Константин и св. Елена од левата страна. Во горниот ред на истиот ѕид, над влезот е една поголема композиција, која, во голема мерка е уништена и по еден лик од нејзините две страни. Мораме да истакнеме дека споменатите ликови во долниот ред на овој ѕид се со нагласена уметничка изработка, со употреба на впечатливи бои, во раскошна и складно укаресена облека, која го оддава нивното достоинство и соодветна положба. Интересно е дека е забележлива и анатомијата на ликовите, дури и преку облеката, која авторот успеал да ни ја претстави на тој начин што ни го доловил, дури, и квалитетот на материјалот од кој била изработена. Се забележува дека се работи за лесен материјал со исклучително квалитетна изработка, кој лесно паѓа по анатомската градба на ликовите, оддавајќи силна естетска слика.

Од југозапад
Од југозапад

На северниот ѕид, во долниот ред се насликани поголем број ликови на светци. На почетокот, од запад кон исток, се изработени шест ликови на светци. Првиот лик е сосема уништен во горниот дел и можеме само да претпоставиме дека се работело за св. Кузман зашто веднаш до него е ликот на св. Дамјан, а понатаму во редот следат: св. Ѓорѓи, св. Димитрија, св. Атанас и св. Никола. Во редот над нив се фрагментираните композиции ос христовото патешествие – Цветници, Распетието Христово и, претпоставуваме, Симнувањето од крстот. Сите три композиции се во голема мерка уништени и се зачувале само извесни делови од нив. За разлика од нив, ликовите во долниот ред, се релативно зачувани и може да се прави посоодветна анализа за нивниот црковно христијански и уметнички квалитет. Може да се каже дека тие се со нагласен уметнички квалитет, со изразена психолошка димензија и впечатлива претстава на облеката. Некои од нив оставаат посебен впечаток, токму по раскошната облека со складно нагласено украсување (св. Димитрија), а ликот на св. Атанас е со, особено, силна психолошка димензија и нагласена сериозност и авторитетност, претставен во раскошна облека на висок христијански свештеник.

Црквата  „Св. Спас“ од југозапад
Црквата „Св. Спас“ од југозапад

На јужниот ѕид, тргнувајќи од запад кон исток, во долниот ред среќаваме три ликови: св. Теодор Тирон и св. Теодор Стратилат, кои се благо свртени еден кон друг и забележлива е динамиката во нивната меѓусебна комуникација, а потоа следи св. Пантелејмон, кој е предаден во статична ан-фас поза.Во редот над нив се среќаваме со една композиција и еден лик, кои се во голема мерка уништени. Од другата страна на прозорецот на јужниот ѕид, веднаш до иконостасот, во раскошна димензија е насликан ликот на Исус Христос – цар, со два лика од вете негови страни во благо поклонение. Со убаво украсен крст, со специфична форма и силна христијанска симболика, вештиот мајстор ги насликал и страничните ѕидови на прозорецот, како и на влезната врата во црквата.

ВО ОЛТАРОТ

Во олтарот, во релативно зачувана форма, го среќаваме ликот на св. Богородица со Исус Христос, а на површината во понискиот дел од апсидата се изработени ликови на два светци – од десната страна св. Јован Златоуст, а за ликот од левата страна можеме само да претпоставуваме – веројатно св, Василиј. Меѓу нив, во нагласена димензија е насликан путир, во кој во легната положба е претставен ликот на Исус Христос, како своевидна жртва. Двата лика се предадени во поднаведната молитвена положба над путирот, во бели наметки украсени со крстови, со што оставаат силен впечаток кај набљудувачот. Целата композиција, заедно со св. Богородица и Исус има силен естетски израз, иако ликот на св. Богородица значително потеменел со текот на времето и запоставеноста на црквата.

Црквата  „Св. Спас“ од запад
Од западната страна со стадо овци

На левиот ѕид во олтарот, во долниот ред е претставен св. Јован Кристител пред ликот на Исус Христос како дете, застанат на постамент и во повисока позиција од св. Јован, кој се поклонува пред него. Исус е предаден во наметка со бела боја, додека св. Јован со наметка со украсување во форма на шаховско поле. Свртен нагоре со погледот, ликот на св. Јован оддава впечатлива психолошка димензија, со нагласена чувственост и благородна скромност. Во горниот ред е насликана извесна композиција, можеби Вознесението Христово, која е половично зачувана во долниот дел. И покрај таквата состојба, десниот дел на композицијата оддава силна естетка димензија, прецизност и експресивност во сликањето на елементите и деталите, како и анатомско нагласување на фигурите на ликовите. Во проскомидијата од северната страна на апсидата е насликан св. Стефан. Тој, во левата рака, која му е свиткана во лактот, држи форма на црква, а десната му е спуштена надолу и не е јасно каков предмет држи во неа. Може да се претпостави дека се работи за кадилник.

Црквата  „Св. Спас“ од запад - од поблиску
Црквата „Св. Спас“ од запад – од поблиску

На јужниот дел на ѕидот во олтарот, имаме силни ликови на св. Спиридон Чудотворец и св. Кирил Александриски во наметки украсени со крстови. Над нив е композиција, од Христовото патешествие, која е во голема мерка уништена. Во проскомидијата од јужната страна на апсидата е насликан св. Роман со кадилник во десната спуштена рака и форма на црква во левата рака, која е свиткана во лактот.

СКРОМНА АРХИТЕКТУРА НА ДОМИНАНТНО МЕСТО

За архитектурата на црквата може да се каже само тоа дека е на истакнато место, на основа од постари ѕидови од дел од утврдување, можеби и кула од утврдувањето, со доминација над просторот и комуникација со подалечниот простор, изградена од камен од домородно потекло и со измалтарени фуги. Денес градбата е покриена со ѓерамиди, но сосема е сигурно дека првичната градба била со покрив, исто така, од камен, односно камени плочи, кои всушност, се уште се тука, во близина на градбата, оставени при не толку дамнешната реконструкција на црквата. Не смееме да заборавиме да нагласиме дека е потребна итна интервенција во оваа градба, со цел да се заштитат вредните црковни и ликовни дела во неа.

ЖИВОПИС

Манастирот „Чебрен“