АРИСТОКРАТСКИ ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП ВО КАРПА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРКЛАРИ“ КАЈ ПРИЛЕП – ОСТАВЕНИ НА РАСПАЃАЊЕ

Периодот на развиениот перод на македонската држава до паѓањето под римска власт, како и подоцнежниот период од цивилизацијата на просторот на Маркови Кули и во неговата околина посебно го збогатуваат големиот број гробници, варијанта на македонскиот тип, така наречени поради нивното присуство, главно, на македонската територија во антиката и поради периодот во кој тие биле градени или делкани во монолитни карпи. Такви гробници, меѓу другото, се пронајдени и археолошки регистрирани на локалитетот „Крклари“ над Прилеп, на северните падини на Маркови Кули. Тука и денес можат да се видат интересните издлабени простории во карпа во кои се поставувале некогашните покојници од градот, кој бил расположен на просторот на Маркови Кули, Заград и Варош. Од нив, во компактна состојба се зачувани само две, a очигледно е дека уште неколку се уништени со текот на времето бидејќи почнале да се распаѓаат од ерозија, но и од комплетна запоставеност, без каков било надзор, во ѓубриште, капини и трње. Гробниците, кои се исцело длабени во карпа, се составени од т.н. дромос, ходник, влез, една преткомора од два–три квадратни метри и главна просторија, која е одделена со посебен ѕид во карпата наречена комора во која во посебно издлабен саркофаг биле положувани останките на мртовците. Гробниците се ограбени во некое подалечно минато и археолозите ретко имаат среќа да пронајдат некакви наоди при истражувањата. Според податоците од археолозите, истражувања се вршени и на дел од гробниците од македонски тип во „Крклари“, но не се споменуваат посебни наоди освен описите на распоредот на просториите во нив.

ГРОБНИЦА БР. 1

Едно старо предание поврзано со местото Крклари говори за 40 турски јунаци кои се договориле да го нападнат и убијат Крал Марко. Преданието го споменуваат повеќе автори, меѓу кои Марко Цепенков, Георги Трајчев и др. Еве како го пренесува преданието Марко Цепенков: – „Тие четириесетмина Турци се созборуале и збратимиле да седат тамо ноќе и да го чекаат Марко Кралета да го убијат, арно ама ѓоа Марко ’и истепал една ноќ сите. Откоа ’и нашле Турците сите истепани ’и закопале тамо и ‘и нарекле за светии.“1

ГРОБНИЦА БР. 2

Гробница бр. 2 - во снег 2
Гробница бр. 2 – во снег 2
Гробница бр. 2 - во снег 1
Гробница бр. 2 – во снег 1

Преданието, како што се гледа, се однесува на Турци и на Крал Марко, но имајќи предвид дека во Крклари и денес стојат остатоците на македонските гробници, кои од своја страна како објекти за погребување се користеле уште во IV век пр. н.е. се до половината на II век пр. н.е., размислувањето околу содржината на преданието станува покомплексно и побогато. При усно пренесување настани и пронаоѓање материјални факти на местото на случувањето може да се претпостави дека стариот настан со турските јунаци и Крал Марко бил уште постар и поврзан со сосема други личности и друго време, но народниот раскажувач ја прилагодил приказната за актуелните настани поврзани со турскиот период. Во секој случај, се чини дека онаму каде што се случувале трагични настани, односно настани кои во себе содржат набој од енергија просторот има посебна привлечност и дух кој не дозволува да се заборави трагичното случување полно со силни емоционални доживу­ва­ња. Прашањето за приспособување на приказните за старите настани во народното пренесување, во секој случај е интересно за истражување и анализа. Гробниците во Крклари, за кои овде станува збор, се наоѓаат на една поголема закосена рамнина под едно помало ритче од северната страна на Маркови Кули во близина на еден помал комплекс од повисоки карпи.

ГРОБНИЦА БР. 3

Карпите во кои се изработени гробните простории се по површината на теренот и мошне трошни што довело до уништување на неколку од нив. Типот македонски гробници се распространети на поширок простор на Македонија, а исто така во поголем број и на повеќе места во прилепскиот крај. Во секој случај, тие до денес не добиле соодветен научен пристап и вбројување во значајните културни споменици на Македонија како објекти, кои посебно го привлекуваат вниманието. За разлика од гробниците во „Крклари“ над Прилеп, кои се во голема мерка уништени од трошниот состав на карпите во кои биле длабени, големиот број гробници од истиот тип во атарот на Горно Село од другата страна на Златоврв се, речиси, во целост зачувани. За разлика од нив гробниците во „Крклари“, освен трошноста, имаат и помали димензии. Слични гробници има и во близина на манастирот Трескавец, една на локалитетот „Караташ“ лево од патот за селото Дабница, од североисточната страна на Маркови Кули, а познати се и три такви гробници од локалитетот „Дибек“ кај селото Суводол, Битолско и на други места на поширокиот простор на кој била расположена древна Македонија.

ГРОБНИЦА БР. 4

Гробница бр. 4 - распадната
Гробница бр. 4 – распадната
Гробница бр. 4 - влезот
Гробница бр. 4 – влезот

Гробниците од „Крклари“ имаат по две простории од кои првата (преткомората) е со помали димензии од околу 2–3 m2, а втората (комората) има поголема површина од околу 4 m 2. Височината на таванот на просториите е околу 1,5 m., а во некои и поголема, така што во нив може да се влезе преку вратите кои, исто така, се убаво издлабени во карпата и оформени во правоаголна форма со височина од околу 1 m и ширина околу 0,7 m. Иако денес не може да се забележат траги од какво било обојување на ѕидовите на просториите во гробниците не е исклучено тоа да било правено, но бојата не се одржала до денес. Дека тоа, исто така било практика имаме примери во некои истражувани гробници од истиот тип на други места, како, на пример, во Охрид каде што исто така е пронајдена една македонска гробница која е со поголеми размери, но е градена со големи камени блокови2. Фактот што македонските гробници се со поголеми димензии и со покомплексен распоред упатува на можноста дека тие не биле привилегија на обичните мртовци од подолните слоеви на тогашното општество во Македонија. Освен тоа, за нив веројатно било потребно и посебно мајсторство за изработка бидејќи било да се длабени во карпа или градени од големи камени блокови, што било исто така практика, тие претставуваат поголем мајсторски зафат. Имајќи го предвид фактот дека тие биле раширени на поширок простор на Балканот, како во Македонија, Епир, средна Грција и на други места може да се претпостави дека тие биле дел од културата карактеристична за поширокиот Балканскиот простор, но нивната концентрација, сепак, е најголема во Македонија што покажува дека таа за оваа земја и народот кој живеел во неа била посебна карактеристика. Се разбира, погребувањето во вакви гробници била привилегија на побогатите слоеви и може да се претпостави дека поголемата концентрација на некои места значи и поголем број богати жители во населбата на која и припаѓале тие. Нивната традиција, според археолозите, траела само околу два века и тоа од IV до II век пр.н.е. Како што веќе споменавме, освен гробниците делкани во карпа некои од македонските гробници биле градени од големи камени блокови. Такви гробници се откриени меѓу селата Бонче и Подмол, како и една помала во Охрид, западно од античкиот театар. За охридската гробница, која е градена од големи камени блокови и со поголеми димензии од гробниците од поблиската околина на Прилеп, се знае дека имала ѕидови премачкани со боја и малтер, a ce претпоставува дека таа му припаѓала на некој големец, старешина на античкиот град Лихнид. Археолозите Паско Кузман и Вера Битракова – Грозданова, обидувајќи се да кажат нешто повеќе за неа, како можен покојник во оваа гробница го споменуваат од литературата познатиот старешина на Лихнид, Ајроп кој му откажал послушност на кралот и се обидел сам да владее со својот град3. Кому му припаѓаат гробниците од Крклари кај Маркови Кули е навистина тешко да се каже, но може да се претпостави дека тие се сопственост на некогашни жители на античкиот град, односно, стариот град Прилеп, кој, според археолозите и историчарите се викал Керамиа. „Крклари“, освен со гробниците од македонски тип, располага и со голем број мали гробници длабени во карпа во форма на корита. Всушност, ова помало ритче под Маркови Кули располага со вистинска голема некропола од неидентификуван број гробови кои се простираат се до највисокиот дел на превојот од северната страна на Маркови Кули преку кој се оди во Заград. Гробовите во форма на корита посебно се расположени на горниот дел од „Крклари“ по големиот број пониски карпи, исто така во голема мерка нападнати од ерозија. Се чини дека целата падина е преполна со такви гробови од кои голем дел се гледаат на површината, но исто непознат број од нив се наоѓаат под тенок слој од земја, или пак, се целосно уништени од ерозијата. Интересно е дека на највисокиот дел од оваа голема некропола кој се наоѓа на превојот кон Заград освен гробовите се среќаваат и траги од градба и поголемо количество парчиња од керамика што укажува на повеќекратното користење на просторот низ времето, но не е исклучено ниту постоењето на некој сакрален објект на тој дел. Блискоста меѓу гробниците од македонски тип и гробовите во форма на корита длабени во камен на локалитетот „Крклари“, исто така предизвикува на размислување и анализа. Од една страна тоа може да значи дека тие се елементи на некропола од исто време и иста населба, а од друга страна одвојувањето на поголемите гробници на посебен дел може да значи дека се работи за искажување на престижот на побогатиот слој од градот со користење на издвоен простор за погребување на нивните мртви во пораскошно изработени и покомфорни гробници. Од друга страна, можно е и едните и другите да биле сопственост на жителите на древниот град кој бил расположен на ридот со тврдина, денес наречен Маркови Кули и на падините под него на кои денес се наоѓаат Варош и Заград. Ако се знае дека македонските гробници се практикувале од времето на Филип Македонски (359–336 г. пр. н.е.) и неговиот син Александар Македонски (336–323 г. п.н.е.), па сé до времето на македонскиот крал Персеј (178–168 г. пр. н.е.), може да се претпостави дека и гробниците од македонски тип како и целата некропола од „Крклари“ му припаѓаат токму на овој период на развиената цивилизација и државност на Македнија.

ОД АРХЕОЛОШКИТЕ ТРАГИ И АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КРКЛАРИ“