СПОМЕНИЦИ СО СИМБОЛИ НА ВСЕЛЕНАТА И ВЕЧНИОТ ЖИВОТ КАЈ ЦРКВАТА ВО СЕЛОТО БРАИЛОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Иако имавме предвид дека атарот на селото Браилово, Прилепско е полн со разновидни траги од стара култура, сепак бевме пријатно изненадени од големиот број експонати камена пластика кои ги документиравме на неколку локалитети. Пред се, треба да се има предвид дека овој атар бил „заштитен“ дури со 4 утврдувања, кои се наоѓале на врвовите Соколица, Имеличе и Кале, како и на ридот кои ги дели атарите на Браилово и Десово. Се разбира дека археолошките остатоци на овие локалитети покажуваат и различно датирање, но фактот дека постоеле толку многу тврдини на еден, релативно мал простор, сепак остава силен впечаток. Од четирите локалитети со утврдување, дури два поседуваат археолошки остатоци од праисторијата – „Соколица“ (северозападно од селото) и „Имеличе“ (југоисточно од селото). Локалитетот „Кале“ (североисточно од селото) поседува остатоци од доцната антика и средниот век, додека локалитетот на ридот, десно од превојот преку кој врви патот за селото Десово, поседува остатоци од македонско-римскиот период и доцната антика.

Браилово
Браилово

Во атарот на Браилово, се познати уште неколку локалитети, како „Бојоица“ (доцна антика), Тумба (Римски период и доцна антика), „Грамаѓе“ (непознат период, „Св. Илија“ (доцна антика), „Петочна Вода“ (македонски период), „Исправен Камен“,  и други локалитети со помали или поголеми траги од минатото.

Овде, цел на нашето патешествие ќе биде локалитетот „Селски Гробишта“, „Расипана Црква“ или „Св. Недела“. Се наоѓа на околу 100 м јужно од селото, каде се наоѓа и новата црква со актуелните селски гробишта. Според археолозите, овој локалитет се датира во доцната антика и е карактеризиран како некропола. Тука биле пронајдени бвројни споменици од тоа време, како гробови изработени од камен, повеќе стели со релјефи, еден саркофаг, како и делови од мермерни столбови и друга мермерна пластика. Дел од овие споменици биле однесени во Заводот и Музеј во Прилеп, но во рамките на гробиштата во Браилово и денес можат да се видат и документираат драгоцени споменици на старата култура.

Куп споменици и камен од стара градба во дворот на црквата во Браилово
Куп споменици и камен од стара градба во дворот на црквата во Браилово

При нашата посета, особен впечаток ни оставија неколку експонати:

  1. Надгробен споменик – (стела) од мермер со откршен дел од десната страна, по вертикала.

Стелата се наоѓа во рамките на селските гробишта, во близина на црквата, од нејзината јужна страна. На неа се зачувани четири човечки ликови изработени во релјеф. Тргнувајќи од десно кон лево, се среќаваат женски и машки лик со иста височина, а натаму следат поголем и помал лик. Ваквата претстава, веројатно, се однесува на двајца родители – маж и жена, како и две деца – поголемо и помало, односно се работи за претстава на семејство. На стелата посебно внимание привлекуваат два симболи, од кои едниот се наоѓа над главата на најмалиот лик, од левата страна на стелата, а другиот се наоѓа во триаголниот простор на врвот на стелата. Во триаголникот на врвот е претставен круг со нагласен центар, а од двете старна на кругот се изработени голем број полукругови, кои овој симбол го прикажуваат во перспектива. Целата претстава оддава впечаток на приказ на небесна димензија, односно на небесен симбол во вселенскиот бескрај. Тоа не поттикнува на размисла дека изработувачите на стелата сакале да го прикажат бесконечниот простор на вселената во која влегуваат покојниците и нивниот дух по заминувањето од материјалниот свет. Самиот круг, кој зазема челно место во претставата, како симбол на совршенството претставува и влез во таа бесконечност, односно, влез во бесконечниот живот и во рајските градини.

Над главата на најмалиот претставен лик, повторно гледаме круг со нагласен центар, со помала димензија од претходниот, но идентичен по форма со него. Веројатно е дека се работи за нагласување на истата порака за влез во бесконечноста и рајот, токму кај најмалиот претставен лик.

  1. Помало корито од мермер со украсување на сите четири страни.

Една од долгите страни на коритото е сосема откршена. На зачуваните страни на коритото се забалеужува украсување со гирланда, со претстава на винова лоза, која брановидно го заобиколувала. На секој од аглите, во горниот дел била изработена по една глава со претстава на овен, за жал, речиси сите оштетени. На долгата страна на коритото, во внатрешниот дел на гирландата, по должина се наоѓа изработен човечки лик без облека, во положба при која десната рака му е испружена по гирландата, како да бери грозје, а левата му е испружена покрај телото и во неа држи нешто како мала кошничка или друг предмет. Нозете му се испружени вдолж корито и вкрстени во делот на потколениците. Целата фигура оддава впечаток на активност при берење грозје. Не е сиклучено дека може да го претставува и самиот бог на виното Дионис, но тешко е да се открие поубедлива симболика поврзана со овој бог. Целото украсување, заедно со главата на овенот упатува на симболика поврзана со плодноста и желбата за богат род. Слични форми на мкорита се среќаваат и на други места, а од поблиската околина, познато ни е слично корито, по форма и украсување, во рамките на гробишатата на селото Дупјачани, општина Долнени.

  1. Фрагмент од надгробен споменик (стела) од мермер.
Фрагмент од стела - главата
Фрагмент од стела – главата

Се работи за најгорниот дел од надгробниот споменик, делот во форма на триаголник, односно главата на споменикот. Во средината на триаголната форма е изработена форма на шишарка во релјеф која, исто како и симболотна кругот од погоре опишаната стела, е претставена во перспективна димензија, затворена во неколку полукружни форми. Шишарката како симбол се среќава во многу стари култури уште од праисторијата. Таа претставувала симбол на огнот, на животот и создавањето, како и симбол на плодноста. Особено се сметала за симбол на поврзување на двата света – реалниот свет на животот и задгробниот свет и задгробниот живот. Токму затоа, масовно се применува, особено на надгробните споменици, но и на спомениците поврзани со медицината и здравјето и на други споменици.

  1. Надгробен споменик (стела) и столб од мермер.

Еден надгробен споменик и еден столб од мермер се наоѓаат внатре, во просторијата на црквата, која е новоизградена. Додека столбот е без посебно украсување, со релативно мазни фроми, а на стелата се претставени голем број човечки ликови кои, за жал, се во голема форма оштетени и тешко е да се прави некаква анализа на оваа релјефна претстава.

  1. Капител од мермер, со ранохристијански симболи.
Капител украсен со релјеф
Капител украсен со релјеф
Фрагмент од столб од мермер
Фрагмент од столб од мермер

Во рамките на гробиштата во Браилово, во купот од мермерна пластика се среќава и еден капител украсен со релјеф со претстава на флорални мотиви, листови со грановидна форма. Овој капител, заедно со големиот број други споменици на камена пластика, ја потврдуваат информацијата дека селската црква во селото Браилово е поставена на остатоци од црква од почетокот на христијанството, веројатно од 5-от или 6-от век.

Во рамките на гробиштата во селото Браилово, има уште голем број други споменици, од помала или поголема важност, расфрлани по просторот или во куповите мермерна пластика во близина на црквата. Некои од формите и симболите на овие споменици упатуваат и на подлабоко датирање од доцната антика, односно, римскиот период. Тоа не наведува на извесен културен континуитет, односно континуирано културно живеење во римското време и доцната антика.

Црквата !Св. Недела“
Црквата !Св. Недела“