ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО МРАМОРАНИ, ПРИЛЕПСКО

– Според археолозите наодите на населби од бронзеното време не се многу чести. Една таква населба егзистирала на околу 8 km западно од Прилеп, во бли­зина на селота Мало Мраморани и испустеното Големо Мраморани. Целата насел­ба била расположена околу една голема гранитна, култна карпа, која древните жители ги привлекла со својата импозантност и мазните заоблени форми. Денес на површина од 3–4 ha се наоѓаат керамички остатоци од бронзеното време, па дури и предмети од бронза, како и траги по површините на карпите кои укажу­ваат на постоењето на древната населба. Целиот овој простор е деструиран со от­во­рање рудник за гранит со што, речиси, целосно е уништен културниот слој.

„Самовилец“ од поблиску
„Самовилец“ од поблиску

Просторот околу Прилеп изобилува со карпести предели во кои пое­ди­неч­ните карпи често претставуваат вистински споменици на природата со своите фасцинантни форми. Такви споменици на природата се и цели комплекси од карпи, како и карпести планини и врвови. Северно од Прилеп се наоѓа високиот Златоврв кој, според архео­лош­ките траги, прет­ста­вувал култна планина со прастари светилишта посве­те­ни на антич­ките богови1 на кои се надоврзало христијанското светилиште со познатиот манастир „Св. Ус­пение Богородичино“, денес познат како Трескавец. Во неговата поблиска и подалечна околина се наодврзуваат голем број слични карпести комплекси и поеди­нечни карпи со знаци на извесна култност во минатото. Култното третирање на некои од карпите со фасцинантни форми има автентичен континуитет и во христи­јан­ски­от период.

„Самовилец“ - култната карпа - ан-фас
„Самовилец“ – култната карпа – ан-фас

Интересно е дека меѓу самите карпи и околу нив често се среќаваат остатоци од древни населби, посебно од праисторијата, што укажува на фактот дека токму карпите и нивните необични форми предизвикувале фасцинација кај древните жители на овој простор и поради тоа своите живеалишта ги вклопувале во нив градејќи ги своите населби во „култен“ амбиент, околу централната култна карпа. Со тоа овие неповторливи природни споменици добиваат култни димензии и треба да се третираат и како своевидни културни споменици од особено значење за човековата култура. За жал, уште во неколкуте претходни децении голем број од карпите околу кои биле формирани праисториски населби, чии траги во разни форми можат да се конста­ти­раат и денес, се уништени со експлоа­та­ција на гранитниот камен за градба и со тоа се деструирани културните слоеви. Такви примери во околината на Прилеп има со десетици, а ваква­та состојба може да се следи и на пошироката територија на Маке­донија. Колку културни траги се сосема избришани, уништени цели културни слоеви и значајни археолошки содржини – остатоци од соодветни ентитети од културното живеење на нашиот простор, може да биде тема за специјална анализа.

Во срцето на култната карпа
Во срцето на култната карпа

Последниве десетина години владее вистинска експанзија на уништу­ва­ње на компактни карпи со необични природни форми околу кои, како по некое правило, речиси, секогаш има траги и од древни културни содржини кои, со експлоатацијата на гранитот, неповратно се уништуваат, а културните институции или малку се анга­жи­раат околу овој проблем или се немоќни било што да направат.

ТРАГИ ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САМОВИЛЕЦ“

На околу 8 km западно од Прилеп, десно од патот кој води за селата Мало Мра­мо­рани, Забрчани, Дупјачани и другите села од работ на Пелагонија во овој дел, во непо­сред­на близина на запустеното село Големо Мраморани, во подножјето на малата плани­на „Негрее“ од јужната страна на високиот Златоврв, се наоѓа локалитетот „Самови­лец“ со впечатливи остатоци од праисториска населба.2 Населбата била расположена во подножјето на долг рид, како и по неговите падини, околу една голема гранитна карпа со цврста конструкција. Карпата има издолжена елипсовидна форма и заедно со грамад­нос­та и мазните профили го привлекува вниманието од далеку. Всушност, таа се наоѓала во центарот на бронзеновременската населба и била нејзино главно обележје.

Расечениот дел од централната карпа на „Самовилец“
Расечениот дел од централната карпа на „Самовилец“

Трагите од праисторискиот престој на жителите на населбата се забележуваат и на самата карпа, во форма на разни длабени форми по нејзината површина. Можат да се видат помали и поголеми јами за столбови и греди, форми на помали и поголеми ка­нал­чиња и сл., а вниманието посебно го привлекува една поголема ниша (камара) во са­мо­то подножје на карпата во повисокиот западен дел каде се наоѓа и поголема зарам­нета земна површина на која се среќава и керамика. Керамиката е присутна на повр­шина од неколку ха. во околината на карпата, по падините, меѓу другите карпи од око­ли­ната, во некои пештерски простории и во долчињата од двете страни на карпата.

Дел од големиот број исечени блокови од карпата
Дел од големиот број исечени блокови од карпата

Според белезите кои можат да се сретнат на присутната керамика, односно фраг­менти од керамички садови како рачки, устинки и сл. може да се констатира дека насел­бата на овој простор егзистирала во праисторијата, поточно во бронзеното време кое се протега од 2600/500 до 1200/1100 година пред н.е. Токму во овој период спаѓаат и наста­ните опишани во делата на Хомер, Илијада и Одисеја. Имено, според историчарите десет­го­дишната Тројанска војна се случила во XII век п.н.е., односно на самиот негов почеток (1193–1183). Тоа значи во доцниот бронзен период. Меѓу керамиката има и фрагменти со белези од постарата праисториска култура, односно новото камено време, а доказ за тоа можат да бидат и ретките фрагменти од орудија од камен кои, исто така, се присутни на овој простор. Сето ова укажува на фактот дека населбата егзистирала во подолг период, можеби со почеток од енеолитот, односно времето на бакарот (3300 г. п.н.е – 2600/500 г. п.н.е.) и продолжила да егзистира и во бронзеното време. На локалитетот се можни наоди и на метални предмети, пред се предмети од бронза, како игли и сл.

„Самовилец“ со расечената култна карпа
„Самовилец“ со расечената култна карпа

Познато е дека токму од просторот на денешна Македонија во праисториските периоди имало движење на населението кон Мала Азија, и обратно. Историските податоци, но и археолошките наоди често ги потврдуваат преселбите и експанзијата на населението од овој простор,3 а кај Хомер се набележани голем број племиња кои живееле на овој дел од Балканот и кои учествувале во Тројанската војна, главно, на страната на Тројанците4 при одбра­на­та на градот од Ахајците предводени од кралот Агамемнон. Меѓу голе­миот број племиња кои имале своја војска на страната на Тројанците биле и Пајонците, предводени од Пирајхме и Астеропај, а и двајцата убиени од ахајските јунаци. Прво е убиен Пирајхме од најверниот другар на Ахил, Патро­кло,5 а подоцна Астеропај од самиот Ахил.6 Меѓу Пајонците кај Хомер се споме­нуваат и други имиња, како: Терсилох, Астипил, Мидон, Трасиј, Мнес, Ајниј, Офелест и др., сите убиени од силниот јунак Ахил.7 Пајонците, како племе познато уште од праи­сто­рис­ки­те периоди живеело во долниот тек на реката Вардар и имале свои водачи и кралеви.8 Токму со ова време, можеби со споменатите Пајонци, но особено со ним сродните Пелагонци, треба да се поврзе и населбата од бронзениот период, која егзистирала на локалитетот „Самовилец“ кај селото Мраморани.

ВИНАРНИЦИ ВО КАМЕН И ДРУГИ АРХЕОЛОШКИ ТРАГИ ВО ОКОЛИНАТА НА „САМОВИЛЕЦ“

Винарникот  во близина снимен од централната карпа
Винарникот во близина снимен од централната карпа

Кога сме кај бронзениот период треба да се спомене дека од овој период во Прилепско се пронајдени два праисториски мечеви. Еден во близина на денешниот рудник за мермер „Сивец“ кај селото Присад9 и еден кај старата болница во Прилеп. И двата мечеви заедно со други наоди потекнуваат од гробови – цисти. На локалитетот „Сивец“ се истражени 4 случајно пронајдени гробови од праисториска некропола, од кои само во еден се пронајдени археолошки наоди, меѓу кои, еден меч, датиран во XII век пред н.е., долг 57 cm, еден бронзен прстен и предмети од коска.10 Кај старата болница во Прилеп во 4 гроба од типот циста (градени со камени плочи) се пронајдени повеќе археолошки предмети датирани, исто така, во бронзениот период. Меѓу нив се наоѓал и еден меч од типот Erbenhajm, но за жал сите предмети се исчезнати во непознат правец, а покрај мечот се споменуваат две грниња, една бронзена фибула и железно копје.11 Археолозите ваквите археолошки наоди ги поврзуваат со периодот на т.н. Критски преселби кои се случиле околу 1400 година п.н.е., кога по пропаѓањето на критската култура со центар во Кнос, Критјаните морале да го напуштат својот остров и да се преселат. Притоа, една група Критјани под водството на извесен водач Ботон дошла во Ематија, простор кој подоцна го носи името Ботиаја и се наоѓа во околината на денешниот град Костур.12 Во бронзениот период се датираат и една урна пронајдена во рамките на стара некропола над Варош,13 едно депó со керамички садови во Варош,14 како и некои наоди околу познатиот менхир во подножјето на Маркови Кули „Слонот“, кои укажуваат на населба од бронзениот период околу оваа зооморфна карпа.

Винарник во карпа од западната страна
Винарник во карпа од западната страна

Околината на локалитетот „Самови­лец“ има траги и од подоц­не­жни­те перио­ди од постоењето на човекот. Посебно место заземаат големиот број двојни корита во камен, кои се среќаваат на повеќе места во бли­зи­на на овој локалитет. Познато е дека овие корита се користеле за гме­че­ње на грозје што укажува на развиено лозар­ство во овој дел. Еден винар­ник, со исклучително нагласени димензии, се наоѓа на неколку де­се­тици мет­ри од големата карпа околу која била расположена населбата од бронзе­ниот период, источно од неа, во близина на долчето од таа страна. Такви корита за гмечење на грозје има и на јужната страна на карпата, речи­си, на самиот локалитет, а малку подалеку југоисточно од „Самови­лец“ се среќаваат, исто така, корита–ви­нар­ници, од кои две во близина на разрушената црква на запустеното село Големо Мрамо­рани. Едното корито–винарник е со ретка големина, само првиот дел од него, коритото во кое се гмечело грозјето, е со должина од 4 m и ширина од 1 m. Може да се земе дека овој винарник во карпа е еден од најголемите по должина во Пелагонија и Марио­во, каде што имаме добар увид на нивното присуство. Долниот дел на винарникот, односно малото корито во кое се цедел сокот од грозјето е значи­тел­но оштетен, а големото корито е „пресечено” со патека по која поминувале луѓето и добитокот од околните села. Другиот винарник се наоѓа на педесетина метри југо­ис­точ­но од остато­ците на црквата од Големо Мраморани која, според мермерните спо­ме­ници кои можат да се видат и денес, потекнува од доцната антика, односно од раното христијанство.15 На ваквите наоди се надоврзуваат и фрагментите од керами­ка од доцната антика, со што се потврдува дека на овој простор егзистирала населба и во тој период, а веќе е познато дека во турскиот период овде егзистирало селото Големо Мраморани, чии жители се преселиле, најголемиот број, во селото Бело Поле, на околу 10 km јужно одовде, а имотот од старото село го поседуваат жителите на с. Сенокос.

Винарникот во близина со двајца пријатели на авторот
Винарникот во близина со двајца пријатели на авторот

Винарници длабени во карпа има како југозападно, така и североисточно од лока­ли­тетот „Самови­лец“, по падините на ридот Негрее. Два од нив се наоѓаат во потегот кон селото Мало Мраморани, на околу 50 – 100 m од централната карпа на локалитетот Самовилец, а повеќе од 5 винарници во карпа се распоредени по падините североисточно од него. Може да се констатира дека на овој простор се концентрирани исклучително голем број винарници во карпа, што укажува на развиено лозарство во овој дел од Пела­гонија во некој од старите периоди на човештвото. Имајќи ја предвид праисториската на­сел­ба на Самовилец, која егзистирала пред повеќе од 3 000 години, односно во бронзе­ното време, може да се претпостави дека дел од овие камени објекти – винарници потек­нуваат од тоа време, кога лозарството била развиена гранка во овој дел од областа и им припаѓале на жителите од оваа населба.

ЛОКАЛИТЕТОТ „САМОВИЛЕЦ“ ЦЕЛОСНО УНИШТЕН СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ГРАНИТ

Во последните години со сè почестото експлоатирање на гранит во импозантниот магматски релјеф околу Прилеп, се нападнати повеќе локалитети со наоди од праис­торијата и подоцнежните периоди. На ваков начин е нападнат и локалитетот „Самови­лец“ и, речиси, целосно е уништен, со тоа што е раскопан целиот простор околу карпата во средиштето на локалитетот, а искршен е значителен дел и од самата карпа. Притоа, во опасност се доведени и разните форми работени во карпите во старите времиња. Во раскопаниот дел меѓу карпите, со правењето на пристапни патишта до карпите за нивно експлоатирање раскопан е, речиси, целиот културен слој на локалитетот, при што на површината се извадени голем број фрагменти од керамика и друг вид културен мате­ријал. Денес локалитетот е разроварен од тешката машинерија, деструиран со грубо пробиени и извртени патишта и исечени камени блокови од карпите. Во слична положба се наоѓаат уште голем број локалитети во Прилепско, а нивното уништување е направено во различни периоди. „Самови­лец“ е само еден од големиот број лока­ли­те­ти кои се уништени во текот на последната деценија.

ФРАГМЕНТИ ОД АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ: