ДРЕВНО СВЕТИЛИШТЕ ВО ГРАМАДНИ КАРПИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „БАБА“ КАЈ ПРИЛЕП

Еден од најкарактеристичните споменици на природата од блиската околина на Прилеп, кој во себе крие и исклучително богатство од културни содржини, претставува локалитетот познат како „Баба“ заедно со нему блискиот „Кукул“. Тој се наоѓа на околу 5 км североисточно од Прилеп, од десната страна на стариот пат за Велес, кој поминува преку превојот „Дервен“. Локалитет го обележува доминантна карпа со исклучително интересна форма, која потсетува на старица, односно баба, поради која го добил и името. На платото од западната страна на карпата, како и на неколку зарамнети земни тераси околу неа, особено од западната, југозападната и северозападната страна, се развила населба уште во длабоката праисторија, односно новото камено време (неолитот). Денес ги среќаваме остатоците на таа населба, во форма на движена рхеолошки материјал – фрагменти од керамички садови, питоси, камени орудија и сл. Од подоцнежните периоди – раната антика, римскиот период и доцната антика, на овој простор среќаваме ѕидови од силна тврдина, голем број други градби, остатоци од стари светилишта, градежен камен и градежна керамика, керамика од садови, метални предмети, како и монети од разни периоди.1

Култната карпа „Баба“ во поширок амбиент
Култната карпа „Баба“ во поширок амбиент

СВЕТИЛИШТЕ ОД ДРЕВНОТО МИНАТО

Овде за нас е одо сообен интерес еден објект во карпите, кој се наоѓа во непосредна близина споменатата фасцинантна карпа, во нејзиното подножје од јужната страна. Од она што може да се види денес, јасно е дека се работи за остатоци од своевидно древно светилиште. Таквите остатоци, денес можат да се забележат, главно, преку зачуваните елементи издлабени по површината на специфичните магматски карпи, кои се дел од поширокиот исклучиетелен прилепски релјеф. Конструкцијата започнувала на една карпа со малку закосен профил, кој гледа кон запад, на која се издлабени голем број елементи од објектот. Во очи, најпрво, паѓаатнеколку правилно обликувани скали за искачување, по кои се одвивала процесијата, потоа две ниши од левата и десната страна на скалите, на закосената површина на карпата, па одморалиште, на кое се забележуваат дополнителни елементи – основа на одредена помала конструкција, која служела на вкупниот објект, а потоа следи празен простор за кој може да се претпостави дека е направен со извесна деструктивна активност во некое подоцнежно време. На една од исправените карпи во продолжение, на повисокиот дел, повторно се забележуваат скалести форми и одредени правоаголни форми, кои биле места за поставување на елементи од светилиштето, веројатно дрвени греди за обезбедување на пристапниот процесуален дел. На местото на кое завршуваат скалите, по мало зарамнето одморалиште, од десната страна, следи мала врата во самата карпа од таа страна, која претставува влез за едно издлабено корито со димензии 2х2 м кое, сосема веројатно, претставувало ритуален простор во кој престојувале изведувачите на ритуалот насочен кон главниот дел од објектот, трапезоидна форма на корито во продолжение на ритуалното квадратно корито, од неговата западна страна. Оваа форма, веројатно, играла улога на гроб, на извесен хероизиран жител на населбата, која била расположена на терасите на овој дел од ридот, веднаш до големата карпа наречена „Баба“ и во нејзиниот поширок простор. Не е исклучена ниту можноста, дека оваа форма на гробна јама играла улога на своевиден култен сад – реципиент за приложување на ритуалните жртви.

Мистичен изглед на локалитетот „Баба“
Мистичен изглед на локалитетот „Баба“

АСОЦИЈАЦИЈА НА БОЖИЦАТА МАЈКА

Со оглед на фактот дека наодите од овој локалитет укажуваат на населба од праисториското време – неолитот, бронзеното и железното време, па се до раната и доцната антика, токму во овие долги временски рамки треба да се бараат и корените и активниот период на светилиштето. Големата природна форма на карпата, која личи на старица, според која и самиот локалитет го носи името „Баба” асоцира на праисторискиот култ поврзан со божицата мајка или мајката на боговите, која во тие периоди била главен култ на жителите на просторот на Балканот, Мала Азија, па и пошироко, почитувана како создателка на земјата, на небесата, на целиот растителен и шивотински свет, како и на боговите и митолошките суштества.

„Баба“ со утврдената акропола
„Баба“ со утврдената акропола

На целата конструкција, чии остатоци се забележуваат во форма на издлабени елементи по површината на карпите, посебно се издвојува една мала ниша на карпата во основата, од левата страна на скалите.

Под неа, во помала ниша, се среќава еден интересен симбол со три вертикални рецки во релјеф. Според извесни најнови дешифрирања на еден натпис, односно натписот на познатиот камен од Розета во Египет, овој симбол претставува стилизиран симбол, кој го означуваа богот.2 Тоа не упатува на претпоставка дека ваквиот симбол значи дека токму оваа ниша му била посветена на божеството, односно во неа се поставувала негова фигура или прилози нему наменети.

Култната карпа од југ - поширок агол
Култната карпа од југ – поширок агол

Од десната страна на скалите се наоѓа поголем ниша, со слична длабочина, за која е тешко да се каже каква улога имала во објектот и дали била за ритуални прилози или играла извесна конструктивна намена. Сепак, земјаќи ги предвид елементите кои се појавуваат во натамошниот концептуален дел, сосема е јасно дека објектот имал многу посложена форма. Веднаш над скалите се наоѓаат хоризонтално изработени површини, со мали нивелации и поделба со извесни каналести форми кои, веројатно, биле дел од конструкцијата надградена над карпата со скалите. Набљудувајќи ги карпите кои следат, јасно се забележуваат неколку скали во повисокиот дел на една од карпите, кои водат кон една поголема хоризонтална површина, на повисокиот дел од една карпа, која се наоѓа на самиот јужен дел, во подножјето на централната карпа „Баба“. По вторите скали се доаѓа до помало одморалиште, од кое, низ мала врата од десната страна, се влегува во гилемиот корито со квадратна површина. Од западната страна на овој издлабен објект, се среќава уште еден издлабен објект, со трапезоидна форма, со должина од 1,8 м, ширина од 0,60 до 0,40 м и длабочина од 0,40 до 0,50 м. Двата последни објекти се расположени на релативно зарамнета површина на карпата од околу 30 м2. На тој начин се заокружува целокупниот концепт на овој исклучителен културен објект во рамките на локалитетот „Баба“. Токму, последните објекти, вторите скали, малото одморалиште и двете корита од рамниот дел на карпата, денес се тешко пристапни, бидејќи отсуствува некогоашната конструкција, која ги поврзувала двата дела од објектот. Дека постоела таква конструкција покажуваат изработените елементи на карпата со почетните скали, како и неколку правоаголни форми во процепите од повисоките карпи, кои служеле за поставување доплнителни елементи, кои обезбедувале пристап до највиоскиот и главниот дел од светилиштето, односно, ритуалното корито и трапезоидниот објект на западниот дел од рамната површина. Токму делот од карпата, на која се наоѓа овој трапезоиден објект бил дополнително оформен, во форма на остар агол чии краци завршуваат со мало заокружување.

Култната карпа „Баба“ од источната страна

РЕДОК СПОМЕНИК НА СТАРАТА КУЛТУРА

Овој, особено интересен споменик, заслужува уште многу објаснување и анализа, зашто на него можат да се забележат и други појави и особини, а објектите, елементите и појавите од неговото опкружување го прават уште покомплексен, но и поинтересен. Овде ќе додадеме дека тој се наоѓа, речиси на линијата на еден од главните ѕидови на тврдината, која го заштитувала централниот простор во населбата од антиката, а во подлабокиот дел, под карпите на кои бил поставен објектот, има и една помала пештера, со обработени делови во неа. Токму ваквата положба на објектот упатува на размислување дека имал извесно значење поврзано со заштитата на населбата и на утврдувањето, односно, дека овде се вршеле ритуали и жртвување на божествата за да ја заштитат населбата и нејзините жители. Опд друга страна, појавата на пештерата, исто така, е доплнителен дел од целиот концепт, кој ја збогатува приказната и ја прави повозбудлива и помистична. Токму пештерата, во последниве децении е најмногу напаѓана од разни посетители и, речиси, целосно е преорана и деформирана од трагачи по скриени богтаства. При таквите активности, од самата пештера и од просторот пред неа, биле извадени и извесни фрагменти од камени објекти кои, исто така, ги бодат очите на набљудувачот. Како заклучок, мораме да го истакнеме фактот дека овој објект е редок споменик на древното минато на македонскиот простор и воопшто, на културата на човекот. За жал, тој до денес е без соодветна археолошка обработка и научно објаснување. Можеме, слободно да додадеме дека сличен објект тешко можеме да сретнеме на поширокиот простор во Македонија и дека неговото натамошно истражување и идентификување на неговата намена е од особена важност.3

КУЛТНАТА КАРПА „БАБА“ ПОГЛЕД ОД ПОВЕЌЕ СТРАНИ

КОНСТРУКТИВНИТЕ ЕЛЕМЕНТИ НА СВЕТИЛИШТЕТО