„ВАРОСАН КАМЕН“ НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП – СТАР КУЛТЕН ОБЈЕКТ ВО КАРПА СО ЦРТЕЖ

Во рамките на еден комплекс од карпи на јужната страна на Маркови Кули, блиску до местото познато како „Кукуделица“, се наоѓа интересен цртеж со претстава на машки и женски лик во заемен однос. Цртежот е изработен во природна ниша со кружна форма, на една од помалите карпи, која зазема доминантно место во комплексот. Пристапот до овој објект е малку потежок и можен само ед една страна, односно од јужната. Патеката, која води по карпест предел е лесно видлива и може да се следи од понискиот дел, стотина метри пред споменатиот објект. Претставите се насликани со бела боја и со нив е исполнета, речиси, целата внатрешна површина на нишата со кружна форма. Профилот на карпата со цртежот гледа кон југ. Жената е поставена во ан фас со изразени гради и нагласена коса. Во долниот дел од телото се забележува здолниште – сукна или фустан, кој како да паѓа некаде до колената, а во долниот дел од телото се појавуваат и нозете на кои стапалата им се избришани. На вратот на жената се забележува и гердан, кој под остар агол паѓа на градите. Мажот е со слична висина, околу 30–40 см, со перјаница на главата и шлем, а неговото лице како да не е од човек туку од некое друго суштество. Тој е свртен кон жената и со едната рака го допира нејзиното рамо. Неговиот долен дел е посебно изразен со силни колкови и нозе чии стапала, како и на жената, се избришани.

Нишата со цртежот
Нишата со цртежот

Фактот што машката фигура на главата носи шлем со перјаница не упатува на помислата дека таа го претставува богот на војната од ентиката, Арес. Следејќи ги митолошките приказни за врската меѓу Арес и божицата на љубовта и убавината, Афродита,1 можеме само да претпоставиме дека оваа карпа со цртеж, заедно со мала пештерка, која се наоѓа непосредно до неа, биле култен објект посветен токму на овие божества. Имено, според митолошкото предание за особините и делата на Афродита, иако таа од страна на Ѕевс е омажена за богот на ковачкиот занает, Хефајст, родила три деца, кои ги претставувала како деца од споменатиот брак, а нивни татко бил богот на војната, Арес. Нивната врска ја открил богот на сонцето, Хелион, кој ги затекнал двајцата љубовници во креветот на дворот на Арес и за тоа го известил Хефајст. Така се открила аферата на Афродита со богот на војната.2

Нишата со цртежот - поблиску
Нишата со цртежот – поблиску

Пред пештерката и карпата со цртежи се наоѓа и една карпа со рамна хоризонтална површина од неколку м2, заштитена од повеќе страни, а целиот комплекс го обележува една исправена карпа со заострен врв, која го привлекува вниманието од големо растојание. Таа го прави ова место забележливо, силно привлекувајќи го вниманието со впечатливата форма. Во комплексот има и една помала тераса, на малку пониско ниво, со земна површина од десетина м2, исто така затворена со околните карпи. Целиот комплекс од карпи, заедно со опишаните содржини, има потенцијал на култно место и култен објект од постарите периоди.

Машкиот лик
Машкиот лик
Женскиот лик
Женскиот лик

Интересно е е дека ова место, кое зафаќа, особено, добра позиција, со поглед на градот и рамнината Пелагонија, а сепак е скриено од погледите од пристапната страна, често било посетувано и во последниве децении. Трагите од таквите посети се јасно видливи и претставуваат разновидни симболи направени со боја или со врежување по површините на карпите. Во споменатата пештерка од источната страна на карпата со цртежот има неизбришливи траги од осумдесеттите години на минатиот век. На крајната внатрешна површина, длабоко се врежани, две имиња – машко и женско, на вљубен пар, кој веројатно многу често бил присутен на ова место, а освен врежаните букви, има и форма на големо срце со боја и слични симболи. На високата карпа, која го заштитува просторот од југ, поставена наспроти карпата со цртежот има посовремени гарфити направени последниве години. Тоа, на извесен начин, упатува на привлечноста на овој мал простор, кој е блиску до градот, но скриен од погледите, потешко пристапен и овозможува интимност за посетителите.

Анализирајќи го подетално целиот простор, неминовно е да се забележи дека во затворениот дел има две нивоа со хоризонтална површина. Едниот, кој се наоѓа веднаш пред карпата со цртежот и малата пештерка е вистинска мала платформа на карпа со рамна хоризонтална површина, а другиот е од југозападната страна, на пониско ниво и делумно е со карпеста, делумно со земна површина. Неговата димензија е малку поголеми димензии од претходно споменатата „платформа“. На тој начин, двете површини, затворени меѓу впечатливи карпи, претставуваат вистински простор за ритуални дејства. Особено површината на карпата пред самиот објект со цртежите. Треба да се напомене и тоа дека, во споменатиот простор може да се пристапи само од југоисточната страна, заобиколувајќи ги непристапните карпи, по една тесна патека, која не е особено безбедна.

Делот со карпата со цртеж во ниша
Делот со карпата со цртеж во ниша
Цртежот
Цртежот

Од југозападната страна на затворениот простор, пред да се пристапи на рамната тераса, од левата страна, се забележуваат траги од обработени делови на карпите, при што на влезот од една помала заштитена површина под карпа, биле издлабени каналчиња, кои упатуваат на извесно затворање на заштитениот простор или извесно дооформување, затворање и уредување на внатрешниот простор. Слични траги можат да се констатираат и на други делови по карпите во внатрешниот дел, како и на овие кои го заобиколуваат. Ваквите обработени форми упатуваат за извесна постара експлоатација на споменатиот простор и не наведуваат на натамошно истражување и анализа.

 

Димензии

– карпа

висина:     2 м

ширина:    1,5 м

– ниша

висина:     0,60 м

ширина:    0,70 м

длабочина: 0,25 м

Датирање: Според досегашните сознанија поврзани со овој култен објект, содржините со кои располага и неговото опкружување, како и фактот на долгиот период на населување на ридот Маркови Кули, сметаме дека овој споменик води потекло, најмалку од раноантичкиот период, но неговото датирање, сепак ќе го лоцираме во подолг период од 700 г. пр. н.е. до 300 г. од н.е.