СВЕТИЛИШТЕТО ОД ВРБЈАНСКА ЧУКА КАЈ СЕЛОТО СЛАВЕЈ, ПРИЛЕПСКО

– На локалитетот „Врбјанска Чука“ кај селото Славеј, односно меѓу селата Славеј и Врбјани со археолошките ископувња извршени во 19 и 1987 година се откриени остатоци од поголема праисториска градба во чии рамки егзистирал и еден помал објект изработен од печена земја. Тој претставува објект со површина од околу 4 квадратни метри со четири помали анекси исто така со четириаголна форма кои почнувајќи од него продо;жуваат еден до друг. Во овој обкект и околу него се пронајдени голем број на археолошки наоди кои упатуваат дека асе работи за објект со култна намена. Имајќи предвид дека тој се наоѓал во градба со димензии 12 на 10 м може да се претпостави дека претставувал своевиден праисториски храм. Негов пандан не е познат на Балканот и во Европа. Науката се уште нема соодветна нализа за овој интересен праисториски наод.

Пред селото Славеј
Пред селото Славеј

Во периодот по педесетите години на дваесетиот век во областа Пелагонија се откриени, а во голема мера и истражувани голем број локалитети со праисториски населби. Во најголем дел тие се концетрирани од двете страни на Црна Река, по помали и поголеми тумби. Всушност, Пелагонија е значајна област во која се развивала неолитската култура, односно, периодот на новото камено време почнувајќи од шестиот милениум пред н.е. Меѓу локалитетите кои се истражувани и на кои се пронајдени бројни докази за развиени населби од овој период се истакнуваат Велушка Тумба кај селото Велушина и Тумба кај селото Породин и двете во битолскиот крај. Според имињата на овие два локалитети на кои се констатирани наоди од постариот неолит и од средниот неолит од археолозите е издвоена посебна праисториска културна група наречена Велушко–породинска.1 Токму со неа се споредуваат и археолошките наоди од праисториските периоди на некои други локалитети во Пелагонија. Меѓу нив е и локалитетот „Пештерица“ кај прилепското вештачко езеро, Врбјанска Чука кај селото Славеј, Прилепско, Крушеанска Чука кај селото Врбјани, Прилепско и др. Всушност, сличности со оваа културна група покажуваат и наодите од поголем број локалитети со наоди од неолитот во поширокиот простор на Македонија и пошироко.

Селото Славеј, Прилепско
Селото Славеј, Прилепско
Стопански објекти во близина на локалитетот
Стопански објекти во близина на локалитетот

Токму со Велушко–породинската културна група се поврзува и локалитетот „Врбјанска Чука“ кај селото Славеј прилепско на кој се пронајдени остатоци од населба од средниот неолит. Покрај големиот број на движни наоди, како фрагменти од керамички садови со различна орнамнетика карактеристична за овој период, антропоморфни фигури, коски, орудија од камени и коска и сл. на овој локалитет е откриена и една голема градба со основа 12 на 10 м во која е откриен и еден помал објект со површина од околу 4 м2  до кој во еден ред се прилепени и 4 помали правоаголни садови распоредени во низа во правец на југозапад2 за кој до денес археолозите се уште спорат во врска со неговата намена.

СВЕТИЛИШТЕ ОД НОВОТО КАМЕНО ВРЕМЕ

Локалитетот „Врбјанска Чука“ е откриен со рекогносцирање 1977 година кога е утврдено дека тој се уништува со позајмување на земја од источната страна на тумбата на која е расположен. Во 1979 година се извршени првите археолошки ископувања при што е откриена поголема градба во која е констатиран помал објект. Големата градба била изградена со плетер премачкан со кал, а помалиот објект кој се наоѓал во неа е граден од набиена земја и поради специфичната конструкција и посебните форми на него е наречен „олтар“3. На двата предни агли има скалести украси, слични на малите жртвеници од керамика кои потекнуваат од новото камено време со назабени нозе.4 Малите садови наредени еден до друг во низа од југозападната страна се распоредени на различни нивоа, но на иста основа во должина од 2 м,5 а во некој од посебните правоаголни садови има траги од горење на оган што, според археолозите, укажува на вршење на различни обредни обичаи.6

Патоказ за Врбјани
Патоказ за Врбјани
Врбјани
Врбјани

Според археологот Благоја Китаноски, како и археолозите Драгица Симоска и Борислав Јовановиќ овој интересен објект од набиена земја со дополнителни помали садови градени од ист материјал, кои се надоврзуваат на целата конструкција, претставува своевидно светилиште од неолитското време. Такво светилиште не е забележано на просторот на Пелагонија и на Централниот Балкан.7 Целиот станбен објект заедно со светилиштето, пронајден при ископувањето, го датираат во постариот неолит,8 што значи дека овој праисториски храм потекнува од 6 или 5 милениум пред н. е. Во поголемиот објект и надвор од него при ископувањето се пронајдени и други археолошки предмети, како модел на куќа на чиј врв стоела антропоморфна цилиндрична фигура, разни фрагменти од керамички садови, цели садови од керамика, мали жртвеници, орудија од камен и коска и сл.9 Археолозите не можат да потврдат дали светилиште претставувал целиот објект во кој се наоѓал опишаниот жртвеник или такви светилишта имало во секоја куќа во населбите од неолитското време.10 Имајќи предвид дека жртвеникот со својата форма и големина зафаќал значителен простор во градбата претпоставката дека целата градба била светилиште за поширока намена на населението од одредена праисториска населба е сосема оправдана. Фактот што не постои сознание за сличен пронајдок на поширокиот простор на Балканот од овој период овој археолошки наод го прави посебно значаен и атрактивен. За жал, до денес стручните лица немаат направено посериозна анализа за вистинската намена на овој објект. Постоењето на вакво светилиште, пак, укажува на фактот дека на овој простор егзистирала позначајна населба во новото камено време која имала своја организирана заедница и развиена религиска култура.

Жртвеникот од „Врбјанска Чука“
Жртвеникот од „Врбјанска Чука“
Жртвеникот од „Врбјанска Чука“ - поставка Музеј - Прилеп
Жртвеникот од „Врбјанска Чука“ – поставка Музеј – Прилеп

Археолозите имаат констатирано постоење на светилишта во постарите периоди како што е мезолитот кој е период пред неолитот, односно, периодот од 10 до 7 илјадолетие пред нашата ера. Имено такви светилишта се констатирани на праисториските локалитети на ѓердап, а посебно на Лепенски Вир во Србија каде е констатирано дека првите постојани населби се формирале во 8 милениум пред н. е.11

Од неолитот позната е една градба од локалитетот Неа Никомедеја во Егејска Македонија за која поради големината и специфичноста се претпоставува дека била светилиште кое потекнува од шестиот милениум пред н.е.12 На локалитетите во Македонија на на кои се констатирани населби од неолитот како што се оние од Породин, Битолско, Маџари и Зелениково, Скопско се пронајдени праисториски печки со голем број наоди на жртвеници и модели на куќи со антропоморфни цилиндрични форми на врвот кои стоеле во нивна близина.13 Сето тоа покажува специфично култни третирање и почитување на огништето, па и на целото живеалиште во овие праисториски периоди. Сепак, целокупната градба, со посебниот објект во неа од „Врбјанска Чука“, по своите димензии и формата се издвојува од сите досега споменати објекти со индиции дека имала сакрална намена и може да се констатира дека е прв таков објект со карактеристики на вистински праисториски храм.

Жртвеникот од „Врбјанска Чука“ - цртеж: Александар Миткоски
Жртвеникот од „Врбјанска Чука“ – цртеж: Александар Миткоски
Модел на праисториска куќа
Модел на праисториска куќа

ШКОЛКИ КАКО ЖРТВЕНИ ДАРОВИ

Во еден дел од истражуваниот простор на „Врбјанска Чука“ се откриени голем број школки за кои археолозите претпоставуваат дека се жртвени дарови.14 Школките како жртвени дарови со посебна култна намена се познати уште од постарите праисториски периоди кога исто така се применувале во култна намена, но биле користени и нивните природни форми при архитектонските решенија на куќите и сл. Таквото почитување на школките го предизвикувало нивното значење во исхраната и посебната почит кон изворите на храна какви што биле реките и езерата и морињата. Од научните истражувања познато е дека постоеле и цели населби формирани со градби во форма на школки. Такви населби се констатирани долж брегот на Атлантикот, во Португалија (Муга) и Бретања (Тавијек и Хедик) каде населбите имале изглед на школки15 поради интензивното користење на школките во исхраната. Наоди на школки се констатирани и на другите истражувани локалитети од праисторијата, посебно околу огништата кои биле сакрализирани места во живеалиштата на праисториските луѓе.

„Врбјанска Чука“ е само еден од големиот број праисториски локалитети од Пелагонија. Наодите од овој локалитет се поврзуваат со наодите од т.н. Велушко–породинска културна група на која е констатирано постоење на населби во стариот и средниот неолит.16 Врбјанска Чука археолозите ја поврзуваат со средниот неолит од Велушино и Породин.17