АРИСТОКРАТСКА ГРОБНИЦА ОД МАКЕДОНСКИ ТИП – ГОРНИ ЧАИР – БАБА – ПРИЛЕП

Карпата со аристократската гробница
Карпата со аристократската гробница

Една од поатрактивните и со поопределени конструктивни елементи, од аристократските гробници од македонски (пелагонски) тип е гробницата издлабена во карпа на локалитетот Горни Чаир, која се наоѓа на источните падини на локалитетот „Баба“ кај Прилеп. Нејзиното откривање или, можеби поточно, идентификување го реализиравме со помош на информациите добиени од Милан Мирчески од Прилеп.1 Таа се наоѓа во нискиот дел на малата долина покрај еден од потоците што се сливаат од повисоките делови на ридестиот локалитет „Баба“. Фактот што „Баба“ содржи исклучително богата култура од повеќе периоди – енеолитот, бронзеното и железното време, раната антика и македонскиот период, како и доцната антика, на свој начин, го „оправдува“ присуството на ваков објект – експонат од македонската култура. Особено што на локалитетот „Баба“ е присутна и култура од македонскиот период на кој му припаѓаат и гробниците од македонски тип, чија концентрација во Пелагонија е посебно нагласена, заедно со најголемиот објект од ваков вид – кралската гробница изградена од големи камени блокови,  на локалитетот „Павла Чука“, меѓу селата Бонче и Подмол.

Пред влезот при откривањето
Пред влезот при откривањето
При откривањето
При откривањето

При првата посета на посочениот терен ни беше потребна подолга потрага по објектот, но сепак, пред да се откажеме, успеавме да го забележиме отворот на оваа своевидна куќа на древниот покојник зараснат во трње и капини. Зад капините и трњето се појави влезот од објектот, релативно оштетен од ерозија и разновидни активности во изминатите милениуми. Површното разгледување беше доволно за да ги утврдиме основните елементи на гробница од македонски (пелагонски) тип – односно, дромос, преткомора и комора, а видливи беа и двете „полици“ или ниши на северниот и источниот ѕид во погребната просторија – комората.

Информацијата им ја пренесовме на археолозите од Заводот и Музеј од Прилеп, а по две-три години, односно во 2011 година беше реализиран и проект за археолошко истражување на гробницата со подршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Комората при откривањето
Комората при откривањето
Дел од нишите на кои се ставале дарови за покојникот
Дел од нишите на кои се ставале дарови за покојникот

Преткомората и комората во гробницата имаат полукружен таван и вертикални ѕидови. По површината на ѕидовите и таванот се препознаваат трагите од алатот со кој е обработувана гранитната маса. Биле оформени дромос долг 2,30 м и широк 1,40 м.2 Пред влезот во гробницата се наоѓа добро оформено правоаголно корито со димензии 0,90Х0,36Х0,08 м. Според археолозите, негоават намена не е идентификувана.3 Следи влез во преткомората, кој имал ширина од 0, 66 м, а висината не може да се измери бидејќи поголем дел е уништен. Преткомората е со правоаглна основа и димензии 1,70Х0,97 м и височина од 1,28 м.4 Потоа, преку влез висок 1,03 м следи комората со неправилна правоаголна основа 2,37 (2,43)х2,14 м и височина 1,82 м.5 Во Комората биле изработени и две полици, преку целата должина на северниот и источниот ѕид, чија ширина е од 0,53 до 0, 56 м, а височинатаод 0,47 до 0,49 м.6

ДОПОЛНИТЕЛЕН ОБЈЕКТ ЗА ПРИНЕСУВАЊЕ ДАРОВИ ЗА ПОКОЈНИКОТ ИЛИ МАЛ ХЕРООН

Помал издлабен објект на столбестата форма од карпата со гробницата
Помал издлабен објект на столбестата форма од карпата со гробницата

Според нас, особено, интересен е и објектот кој се наоѓа надвор од главните простории на гробницата, на столбест дел од карпата, веднаш над влезот, од неговата северна страна. На врвот на столбестата форма било изработено корито со трапезоидна форма со димензии 1,07х0,25 (0,29) м и длабочина од 0,20 м.7 Ова корито е со насока север југ, а на мало растојание од неговиот јужен раб бил изработен и мал кружен сад со пречник од околу 0,15 м и длабочина од околу 0,06 м. Сметаме дек овој дел од погребниот објект имал посебна намена, поврзана со принесувањето дарови и ритуалните активности поврзани со душата покојникот. Всушност, овој дел од гробницата претставува своевиден жртвеник (или мал хероон), посветен на душата на покојникот. Слични појави, со поинакви форми можат да се сретнат и кај некои од другите слични гробници од Пелагонија, како што се „Визбата – Кукул“, гробниците од „Испраена Плоча“ и „Тумба“ кај Горно Село, гробницата од „Гумно“ кај Трескавец и сл.8 Сето ова упатува на тогашната важечка религија (во 3-2 век п.н.е) култот на предокот и верувањето во задгробниот живот.

ГРОБНИЦА НА ИСТАКНАТ МАКЕДОНЕЦ ОД НАСЕЛБАТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „БАБА“

Аристократската гробница од македонски тип на локалитетот „Горни Чаир“ е показател за населба од поголемо значење од македонскиот период во нејзина близина. Не треба да се исклучува можноста дека таа биула вечно почивалиште на некоја истакнат Македонец – богата личност од населбата со утврдена акропола на највисокиот дел на локалитетот „Баба“, кој поседува материјална култура од тој период.

Комората со нишите и погребниот дел
Комората со нишите и погребниот дел
Сводот во комората
Сводот во комората

Во долината во која се наоѓа оваа аристократска гробница можата да се забележат уште голем број археолошки содржини од различни времиња, како движни, така и недвижни наоди. Од движните наоди се среќава разновиди фрагменти од керамички садови, како од праисторијата, така и од подоцнежните културни периоди. Од недвижните наоди, особено се присутни разновидни форми на објекти изработени во карпите од блиската и подалечната околина на гробницата, меѓу кои разни помали и поголеми корита, винарници во камен, разновидни скалести форми и сл. На тој начин, аристократската гробница на „Горни Чаир“ е само еден објект – остаток од богатството на стара култура во овој дел од просторот на Прилеп.