ПРОКЛЕТСТВОТО НА ЦРКВАТА СВ. АТАНАС

ИАКО ПРЕДАНИЕТО ГОВОРИ ДЕКА ГРАДБАТА БИЛА ИЗГРАДЕНА САМО ДО ПОКРИВОТ, ИМА АРГУМЕНТИ ДЕКА ТАА БИЛА КОМПЛЕТНО ИЗГРАДЕНА И ЖИВОПИСАНА

„Св. Атанасие“ од југоисток
„Св. Атанасие“ од југоисток

Богатството од преданија и разни народни кажувања во Варош и Прилеп е поврзано со духовното и културното минато на овој простор. Трагите од таквото материјално и културно богатство се среќаваат и денес, како на материјален, така и на духовен план, како акумулирано знаење, паметење или, воопшто, како изградена свест. Преданијата се дел од духовното богатство кое, од друга страна, е во директна врска со материјалните случувања и содржини кои се преточиле во овој дел од просторот. Некои од преданијата имаат дури и пророчки или проклетнички карактер. Едно од таквите, кое е посебно набиено со мистика, е преданието за црквата „Св. Атанас“. Таа и денес е здрава градба без покрив само на стотина метри подолу од манастирот „Св. Архангел Михаил“, а на самата периферија на Варош од неговата западна страна.

„Св. Атанасие“ пред, околу, еден век со могила на петмина крушевчани
„Св. Атанасие“ пред, околу, еден век со могила на петмина крушевчани
Празнување
Празнување

Споменатата градба претставува мошне привлечен објект изграден од добро обрабо­тен бигорен камен и печени цигли. Според археоло­зите, оваа црква води потекло од XIV век како и повеќето здрави и разурнати цркви од Варош. Таа, сепак, се одликува од нив, прво со очигледното от­сус­тво на покрив, гледано од материјален и визуелен аспект, а второ со пре­да­нието врзано за неа повторно со покривот, но сега од духовен аспект. Преданието говори за непознато проклетство врзано за црквата „Св. Атанас“. Според него, покривот на црквата мајсторите повеќе пати се обидувале да го направат, но и покрај големите заложби тој не можел да биде изграден бидејќи некоја непозната сила на мистериозен начин го рушела. Така тие се што ќе направеле преку денот, во ноќта на мистериозен начин било уривано.

ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЕ“ ВО ПРВИТЕ ВЕКОВИ НА НЕЈЗИНАТА ИЗГРАДБА БИЛА КОМПЛЕТНА КАКО ГРАДБА И ЖИВОПИСАНА

          Тешко е да се утврди од кои причини оваа убава градба денес нема покрив и дали проклетството од преданието има вистинска сила, но град­ба­та без покрив е силен факт во тој правец. Во што се состои мистери­оз­носта од преданието? Можеби е сосема од духовна природа, која се одне­сува на несредените односи во одредени сфери на човечкот дух што, од своја страна не дозволува организирање соодветна акција за поставување покрив на еден значаен и убав објект како што е оваа црква. Таа по многу нешта се разликува од останатите црковни градби во Варош. Меѓу другото и по материјалот од кој е изградена – бигорен камен, кој и дава посебна естетика на градбата, како и по апсидата, која нема полукружна форма од надво­реш­ната страна, туку аглеста која е поретка при градење на црквите. Самата градба зафаќа, речиси, квадратна форма, а во нејзините ѕидови се вграде­ни повеќе стари елементи од градби кои евентуално опстојувале на исти­от простор или биле во близина. Ваквите елементи, кои се главно мер­мерни споменици од постари времиња, пред сè антиката ги забележале и археолозите и истражувачите кои се интересирале за културните остатоци на овој простор или биле дојдени во специјални мисии. Еден од нив е и археологот Б. Сариа кој во Прилеп дошол во 1923 г. испратен од тогаш­ни­от Народен музеј од Белград. Меѓу другото, тој констатирал дека во оваа црква имало значителен број антички споменици вградени во самата градба1. Според него, во црквата биле вградени 4 големи мермерни стол­бо­ви од кои и во негово време стоеле вертикално само два. Столбовите, всушност, го држеле некогашниот покрив. Дали тој некогаш постоел на оваа црква за која е врзано проклетство, според преданието токму за нејзиниот покрив? Дали покривот паднал откако долго време стоел на градбата или се работи за неуспешно покривање уште во самиот почеток? Фактот што градбата потекнува уште од времето на големиот број цркви исто така влезени во старо предание може да значи дека црквата во некое од подобрите времиња била активна, односно во неа се одржувале црковни служби. He e исклучено дека таа била една од црквите на посебните семејства во Варош, исто така опишано во посебно предание.

Остатоци од убаво изведен покрив
Остатоци од убаво изведен покрив

 

Прозорецот на апсидата раздвоен со мал мермерн столб
Прозорецот на апсидата раздвоен со мал мермерн столб

Според нашите согледувања при набљудувањето на градбата од надворешната и внатрешната страна, оваа градба во почетокот на нејзината изградба била комплетно завршена архитектонски, но и украсена со живопис како вистинска црква. Остатоците од покривот, како и фрагментите од живопис на нејзините внатрешни ѕидови, тоа јасно го покажуваат. Некои ситни фрагменти од живописот, кои се зачувале на нејзините ѕидови, упатуваат на квалитетен живопис од средниот век, можеби токму од XIV век кога е изградена.

Интересно е што околу оваа црква се вршени обемни археолошки истражувања и се пронајдени голем број археолошки остато­ци од објекти и разни предмети. Меѓу нив посебно се споменуваат печки за топење руда, печки за печење керамика и сл. Во близина на црквата се ископани и голем број гробови од средниот век, но исто така се познати и голем број наоди кои водат потекло од антиката, меѓу кои и наоди на монети од македонските кралеви. Тоа од своја страна е потврда за долги­от континуитет на користење на овој простор низ различните периоди.

Служба
Служба

 

Поткопани ѕидови на источната страна
Поткопани ѕидови на источната страна

До кога ќе трае проклетството на црквата „Св. Атанас„ опкружена со толку големо богатство од стара култура од десетици векови? Праша­ње­то, се чини, е тешко да се одговори. Времето во кое живееме и кое ја стиг­на оваа црква се уште не ветува нејзино „ослободување“ од ништожноста. Единствено ни останува да веруваме дека дејството на проклетството има крај како и се на овој свет. Ако оваа градба дотогаш не биде сосема срушена веројатно ќе доживее изградба и на сопствен покрив.

ЦРКВАТА Е ИЗЛОЖЕНА НА ЦЕЛОСНО УРИВАЊЕ

Ако се направи посериозно набљудување на градбата на црквата „Св. Атанасие“ лесно ќе се забележи дека некои нејзини делови се сериозно оштетени, со поткопани ѕидови и сл. Особено од источната страна, на аглите на ѕидовите и во темелите на апсидата, каде има големи отвори во самите ѕидови, со длабоки поткопувања, кои сериозно и се закануваат на градбата. Тоа е вистински аларм за преземање активности за санирање на ѕидовите  на градбата и спречување на нејзиното уривање. Во Заводот и Музеј од Прилеп одаман се прават определени напори за реконструкција на црквата, но до денес не е направена никаква интервенција за нејзина санација. Верниците, пак, ошигледно оваа света градба посебно ја почитуваат, па на празниците, особено на празникот „Св. Атанасие“, се вршат служби во неа и се прославува. Не треба да нагласуваме дека присуството на голем број верници во градба која е во ваква руинирана положба, може да биде и опасно по безбедноста на учесниците во оваа активност.

Опасно поткопан ѕид во основата на источниот ѕид
Опасно поткопан ѕид во основата на источниот ѕид
Јужниот ѕид на црквата
Јужниот ѕид на црквата

 

 

 

 

 

 

 

 

ЖИВОПИС – ФРАГМЕНТИ:

 СЛУЖБА ВО ЦРКВАТА „СВ. АТАНАСИЕ“:

1 Балдуин Сариа, Археолошка испитивања у Јужној Србији, Старинар 1924–25 г.