АНТИЧКИОТ ГРАД КАЈ СЕЛОТО ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО

– На околу десет километри југоисточно од Прилеп, на просторот меѓу селата Прилепец, Чумово и Волково се крие голема градска населба од антич кото време. Остатоците од старите градби постојано се на удар на дивите рас ко пувања и трагањата по скриени богатства. На еден од мермерните споменици откриени при таков диво раскопување на дел од локалитетот се среќава натпис на кој се споменува македонијарх, а на друг се среќаваат имиња од старешинско семејство од градот Стибера со кого градот кај Прилепец „бил поврзан преку тунел“.

 

Локалитетот „Долиште“ 1
Локалитетот „Долиште“ 1

Според едно предание, два града кои постоеле во раната антика и римското време биле поврзани со подземен тунел.1Преданието се однесува на градовите кои егзистирале кај денешните села Чепигово и Прилепец во областа Пелагонија. Првото е оддалечено околу 20 km јужно од Прилеп, додека Прилепец се наоѓа на околу 10 km југоисточно од овој денешен град. Кај Чепигово егзистирал град во кој, според досегашните археолошки истражувања, живееле околу 20 000 жители. Според пронајдените натписи, се работи за градот Стибера, чии остатоци и денес се среќаваат на локалитетот „Бедем“ непосредно до селото, во самото село и поширокиот простор. Вториот град се наоѓал на локалитетот „Долишта“2 кај Прилепец, но и во поширокиот простор, а трагите од стариот град се наоѓаат и во самото село. Името на оваа населба не е познато, пред сè, заради непостоењето опстојни археолошки истражувања. Дека постои можност за утврдување на името на оваа населба покажуваат и бројните, главно, со диво раскопување пронајдени натписи на мермерни блокови и плочи од овој локалитет, меѓу кои постои можност да се пронајде и натпис на кој би се споменувало и името на населбата. Иако преданието може да се земе само како духовен народен производ, тоа упатува на извесна важност на двете погореспоменати населби, како и на нивната заемност во древната активна егзистенција. Бројните мермерни споменици кои се остатоци од старата населба денес се забележуваат, речиси, на секој чекор во селото Прилепец. Тие се наоѓаат по дворовите во селото, во гумната, вградени по куќите и другите градби, по чешмите, во манастирот „Св. Никола“ над селото, како и во селото Волково кое се наоѓа од западната страна на гореспоменатиот локалитет „Долишта“. Голема концентрација на мермерни споменици се среќава во дворот и пошироката околина на новоподигнатата црква „Св. Димитрија“, во самото село. Не еден од овие споменици се споменува старешина „македонијарх“, а на друг споменик со натпис се споменуваат и имињата Орест и Филоксен – двајца угледни граѓани од Стибера, кој се наоѓал кај Чепигово.

Локалитетот „Долиште“ 3
Локалитетот „Долиште“ 3
Локалитетот „Долиште“ 2
Локалитетот „Долиште“ 2

Археолошките наоди кои потекнуваат од Прилепец, посебно од локалитетот „Долишта“и т.н. „Безистен“ укажуваат на постоење поголема населба која егзистирала на овој простор уште во VI–V век на старата ера, а особено се развила во IV век пред н.е. Освен големиот број мермерни споменици кои и денес можат да се видат во Прилепец, оттаму потекнуваат и голем број монети кои водат потекло од времето на македонските кралеви Филип II и Александар III Македонски, како и од македонските кралеви кои владееле со империјата по нивното заминување од историската сцена. Од едно случајно пронајдено депó на стари монети на локалитетот „Долишта“ кај Прилепец од кое се зачувани 200 монети, дури 137 потекнуваат од т.н. хеленистички период, кој се поклопува со развојот на античката македонска држава и гореспоменатите македонски кралеви. Меѓу монетите пронајдени на локалитетот „Долиште“ меѓу селата Прилепец и Волоково се среќаваат монети на Филип II (359–336), на Александар III Македонски, (336–323), Касандар (316–297), Александар IV (323–311), Антигон Гонат (277–239), Деметрие II (239–229), Филип V (220–179)3 и др. Меѓу нив има и такви кои потекнуваат од кралеви на Пајонците, кои го населувале долниот тек на реката Вардар. Монети од македонските кралеви во антиката се пронајдени и на други места во поблиската околина на Прилепец и Волково.

Орест и Филоксен
Орест и Филоксен
Стиберанци на натпис
Стиберанци на натпис
Натпис со македонијарх
Натпис со македонијарх

Освен монетите од IV веке п.н.е. и следните периоди, интересно е дека од Прилепец потекнуваат и некои монети кои водат уште постаро потекло од доцниот архајски период, односно, од V век п.н.е. Такви се монетите на градовите Ихне и Менда4 кои се пронајдени кај Прилепец. Покрај наодите од перидот на развиеното македонско кралство во антиката на просторот на селата Прилепец, Волково и Чумово, кои заедно градат своевиден триаголник на работ на Пелагонија, постојат значајни наоди и од подоцнежниот период по римското освојување на Македонија. Тоа покажува дека населбата која егзистирала во претходниот период, во времето на постоењето на македонската империја, се развивала и по римското освојување на Македонија.

Токму поради ова богатство од разновидни археолошки наоди на просторот на кој била расположена населбата, речиси, е чудно што до денес не се пронајдени податоци за тоа како се викала таа. Единствено фактот што на овој простор се појавуваат голем број споменици со натписи дава надеж дека нејзиното име, еден ден, може да биде откриено со археолошки истражувања кои, барем засега, речиси, целосно отсуствуваат и се сведуваат на гореспоменатите истражувања од пред Втората светска војна. Последниве неколку години, сепак, е направено археолошко истражување од страна на Заводот и Музеј од Прилеп, под раководство на археологот Душко Темелкоски и тоа дава надеж дека, можеби, истражувањата во овј простор ќе продолжат и ќе доведат до нови сознанија за неговото значење во минатото.

Камени блокови со натписи кај црквата „Св. Димитрија
Камени блокови со натписи кај црквата „Св. Димитрија
Натпис со македонијарх
Натпис со македонијарх

Следејќи ги историските пишувања, археолозите, како и историчарите, посветиле мошне голем број текстови на лоцирањето на градот Пелагонија, кој го споменуваат античките историчари, како Ливие, Страбон, Диодор5 и др. Пелагонија, пак, според пишувањата на старите историчари, бил град во областа Пелагонија, центар на четвртата мерида (дел) од Македонија по поделбата во 167 г. п.н.е. Ценејќи ги податоците од старите автори, многумина современи археолози и историчари претпоставуваат дека овој град би можел да биде, токму кај с. Прилепец кај Прилеп, со оглед на неговата местоположба и на впечатливиот археолошки материјал кој се појавува на овој простор и кој укажува на значајна населба. Во овој контекст интересно е дека на еден натпис пронајден од другата страна на планината, во селото Кокре, во Мариово, кој е посветен на божицата на ловот Артемида, се спомнува град, но без неговото име.6 Дали на натписот се мисли на градот кој егзистирал кај Прилепец, тешко е да се каже. Овде мораме да истакнеме дека, иако планината меѓу двете села Кокре и Прилепец е мошне висока, наодите кои се среќаваат и на нејзините највисоки делови (тврдини и некропола во камен) и патот кој води до нив од Прилепец упатува на блиска комуникација меѓу двата простора во периодот на антиката кога егзистирале населби од двете страни. Имено, и во Кокре се констатирани значајни наоди, посебно на мермерни споменици со релјефни содржини, кои укажуваат на значајни градби.7

Капител – рано христијанство – друг агол
Капител - рано христијанство
Капител – рано христијанство

Во исклучително големиот број остатоци од античкиот град кој бил  расположен во долината меѓу селата Прилепец, Волково и Чумово, со својата голема површина, како и со големиот број евидентни археолошки наоди, на движна и недвижна материјална култура, посебно се истакнува локалитетот „Долиште“, кој зафаќа простор во атарите на селата Прилепец и Волково. Всушност, овој локалитет, со два длабоки долови, кои течат од североисток кон југозапад, е разделен на три дела. Кај сите три дела денес се наидува на голем број остатоци од стари градби, од кои голем број градени со цврста конструкција од камен, нагласено количество на малтер, како и тегули од убаво испечена земја. Меѓу движниот материјал раскопан со диво копање, при кое се работело дури и со тешка машинерија, се среќава разновиден археолошки материјал од помали и поголеми керамички садови, питоси, тегули, градежен камен, меѓу кој и мермерни елементи, фрагменти од водоводни конструкции, метал и сл.

Капител - рано христијанство - мотив 1
Капител – рано христијанство – мотив 1
Капител - рано христијанство - мотив 2
Капител – рано христијанство – мотив 2

Раскопаните темели од градбите се среќаваат во сите три дела од големиот локалитет „Долиште“, кој зафаќа површина од неколку десетици хектари. На ова треба да се додадат и околните локалитети, во непосредна близина на „Долиште“ кои, всушност, претставувале периферија на големата населба во оваа зелена и заветна долина од јужната страна на Дренска Планина. Остатоци од кермички садови, некрополи, обработени форми по карпите и слични археолошки содржини се среќаваат на блиските локалитети „Горна Глува“, „Табачица“, „Вироите“, како и на локалитетите околу селото Волково.8

Според археолошките остатоци, кои се среќаваат на теренот, старата населба кај Прилепец била расположена на просторот кој се протега надолу од селото, кој денес е зафатен со обработливи површини, со овоштарници и сл., низ кои можат да се видат голем број фрагменти од керамички садови, градежен материјал и други археолошки остатоци. Имајќи предвид дека просторот во кој се расположени селата Прилепец, Волково и Чумово е исполнет со благи падини и ливади, на самиот раб на Пелагонија до Дренска Планина, која дава посебни можности, поставувањето на значајна населба на овој простор не треба да зачудува. Интересно е дека на некои делови од споменатиот простор се пронајдени и траги од постари населби. На локалитетот „Безистен“ кој се наоѓа на околу 1 km југозападно од с. Прилепец се пронајдени извесен број камени секири, керамички садови и предмети од бронза,9 кои упатуваат на постоењето на населба од праисторијата, односно бронзеното време. На истиот локалитет се пронајдени и археолошки предмети од следните периоди, односно, надгробни стели, темели од објекти, како и монети од античкото македонско кралство и римското време, а констатирани се и фрагменти од мозаични подови.10 Сето тоа води кон претпоставката дека овој простор крие и други значајни археолошки наоди, меѓу кои и престижни станбени објекти.

1 Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 49.

2 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza od egejske seobe do Avgusta,

3 Костадин Кепески, Монети на македонските кралеви во збирката на прилепскиот музеј, МАА бр. 7–8, 1987, 45–57.

4 Ivan Mikulčić, Pelagonija…, 64.

5 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 204.

6 Исто, 210.

7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 168 – 171.

8 Археолошка карта на Република Македонија, 309.

– Микулчиќ, населбата на локалитетот Долишта“ кај Прилепец го определува како остаток од голем полис”

(град ) со кој не може д а се мери ниту ед но д руго наоѓалиште од Пелагонија” и порад и тоа заслужува пред сите,

ако не и ед инствено, д а го изед начиме со старата Пелагонија”.

9 Археолошка карта на Република Македонија, 309.

10 Исто.

Археолошки материјал од л. „Долиште“
Археолошки материјал од л. „Долиште“