МЕШАЊЕ НА ВРЕМИЊАТА ПРИ УПОТРЕБАТА НА ГЛАГОЛОТ „ЗЕМА“

Во полна форма

Во последниве децении при употребата на македонскиот јазик се случуваат голем број груби отстапувања од стандардниот литературен јазик, односно, грешки од правописен карактер.

Таквите отстапки и грешки во примената на јазикот прават вистинска естетска, семантичка и морфолошка узурпација. Особено, загрижува фактот дека тие се присутни и во голем број текстови, кои се професионални производи во области во кои јазикот и неговата примена се од првенствено значење, како и во текстови на врвни институции во државата. Тоа го наметнува проблемот на огрубување или вулгаризирање, но и нарушување на основниот институционализиран јазик и правопис.

Овде ќе го истакнеме примерот со еден од најчесто употребуваните глаголи на сосема погрешен начин. Тоа е глаголот „зема“, односно, „зеде“. При примената на овој глагол постои исклучителна зачестеност на мешање на глаголската форма од минато свршено време и сегашно време. Имено, стана вистинска пракса, место глаголот од минато свршено време „зеде“, да се употребува формата „зема“, место „зел“, „земал“, односно, место „зела“, „земала“ и сл. Со тоа се прекршени основните граматички правила и се создава вистинска забуна, која ја менува дури и семантичката димензија.