114 ГОДИНИ ОД БИТКАТА КАЈ ГУДЈАКОВО И 15 ГОДИНИ ОД ВРАЌАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ВОЈВОДА ТОЛЕ ПАША И НЕГОВИОТ СИН ВЕЛЈАН ВО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Во прекрасна природна и духовна атмосфера, со отворено срце кон традицијата, народниот фолклор и особен пиетет кон ликот и делото на Стојан Кулиќов (Кулески) – Толе Паша, во родното село на војводата, се случи вистински културен настан. Со Комитски марш на релација Писокал–Чашица–с. Крушевица, панихида на гробот на војвадата и неговиот син, беседа за ликот и делото на војводата, настап на неколку народни уметници на гајди, кавали и тапани, како и народна веселба, „Средсело“ настанот протече во неповторливо расположение кај присутните. Токму ваков настан и доживување пропуштија локалните и другите медиуми во државата, не присуствувајќи и не одбележувајќи го на соодветен начин. Тоа сепак, е второстепена, па и третостепена цел на ова Чествување, бидејќи на еден сосема народен и спонтан начин, тоа ја добива својата вистинска афирмација.

Легендарниот војвода Стојан Кулиќов (Стојан Кулески), познат како Толе Паша, се родил во селото Крушевица, Мариово, денес во општина Прилеп. Рано се одметнал од турската власт, и околу две децении, опстанувал во одметништво, во постојана борба со турските потери, кои тешко успевале да го уловат. Неговата чета, во еден период достигнала до 20 комити. Вешт во заметнувањето на трагите, со бистар ум и особена смелост, правел безброј акции за прибирање средства за одржување на четата, помагање на сиромашните семејства, а во еден период, особено од 1897 година, кога се заколнал пред Организацијата, со средства ја помагал и револуционерната борба. Обиколена од триилјаден турски аскер, единаесетчлената чета на Толе Паша, водела тешка битка на 3 февруари 1904 година, во планините над селото Гудјаково, општина Прилеп. Во битката загинал војводата, неговиот син Велјан, комитите Петре и Цветан од Шелеверци, Грујо Шијакоски од селото Лопатица, Прилепско и други. Според досегашните сознанија, од четата се спасил најмалку еден комита.

Во 1999 година беше организирана ексхумација на можтите на војводата Толе Паша и неговиот син Велјан, кои беа пронајдени во заеднички гроб, во трогателна положба, прегрнати во гробната јама.

Чествувањата за овој голем борец за слободата на Македонија и истакнат војвода од Мариово, се повеќе стануваат традиција, која ги зближува македонците од областа и пошироко.