ЗЛАТОВРВ СО МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ – ЦЕНТАР НА СВЕТОТ

На пат кон манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец се соочуваме со голем број значајни културни и природни вредности. Некои од нив се нападнати и, речиси, уништени. Таков е локалитетот Ридот – Мажучиште, кој се наоѓа од левата страна на патот. Нападнат пред повеќе години со експлоатација на гранитот, уништени се делови од релјефот и голем дел од културните слоеви од праисториската и античката населба.Сликата на деструкцијата паѓа во очи, особено од повисоките делови за планината, по патот кон Златоврв и Трескавец.

Погоре по патот кон манастирот, во очи паѓа локалитетот со раноантичка тврдина „Грамаѓе“ во атарот на Дабница, кој исто така е лево од патот. Се забележуваат рабовите од ѕидот на тврдината и рамното плато на врвот на ридот.

Угорнините по асфалтниот пат наместа се особено „тешки“. Сепак, со особен физички напор, стигнуваме до целта.

По археолошките активности, пред манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во куповите земја и разновиден градежен материјал (камен, тегули и сл,) има разновидни археолошки фрагменти, особено керамика. Меѓу нив устинки од и рачки од садови, питоси, тегули, имбрекси, фрагменти од живопис и сл. Кеармиката е застапена од праисторијата до средниот век, а низ куповите земја се наоѓаат и камени орудија. Во купот градежен камен, непосредно до дел од отворениот ѕид од тврдината пред манастирот, забележуваме и еден мал фрагмент од бел камен, со квалитетно изработен релјеф – дел од скулптура или друг сличен објект.

Од левата страна на патот пред манастирот, кај делот со градината е отворен добар дел од ѕидот на тврдината кој се спојува со грамадна карпа. Јасно се гледа стариот антички ѕид си малтер и подоцнежната надградба. Во внатрешниот дел има остатоци од градби. Оттука потекнуваат голем број археолошки остатоци, меѓу другото и устинки и дна од питоси и слични садови. Од десната страна, исто така остаток од цврсто граден ѕид со нагласена дебелина, како и дел од внатрешна просторија. Од западната страна на манастирот, на пространата тераса кај светите извори обѕидани со големи камени блокови, малтер и цемент, археолозите, исто така, отвориле сонда. Во неа се гледаат остатоци од градба од камен, како и разновиден движен археолошки материјал. Меѓу другото, фрагменти од керамички садови, но и од камени орудија.

Според археолозите, сите ови податоци ја потврдуваат тезата дека овде во антиката егзистирала голема населба, односно градот Колобаиса со светилишта посветени на боговите Аполон Громобиецот и Артемида Ефеска. Всушност, целиот Златоврв, со непосредната околина е свет објект, односно централно свето место за жителите на населбите од поширокиот простор – своевиден центар на светот. Очигледен е и фактот дека во античкиот период, па и подлабоко, во праисторијата, околу култниот Златоврв, на чиј сам врв, според предание, било поставено златно јаболко, биле концентрирани нагласен број населби, на разни места, во околината. Златното јаболко од врвот, кое го симболизира влезот во рајот или „вратата“ која води кон небото им давало надеж на древните жители за добриот прием во задгробниот живот.

На подот во црквата има две кружни форми камени плочи со одредена симболика, соларни симболи, од кои еден, можеби часовник или сл. Во просторот на олтарот има три правоаголни форми од мермер, како жртвеници. Едниот, кој е во левиот агол содржи и натпис. Натпис има и на еден фрагмент од мермерен споменик во кругот на манастирот, како и на големиот мермерен столб пред влезот во црквата – во неговиот долен дел, односно при дното. Живописот во црквата е во исклучително лоша состојба – оставен без соодветна заштита и реставрација. Да се надеваме дека наскоро ќе доживее соодветен третман, како што се најавува. Се чувствуваме тажно пред тажната состојба по опожарувањето и разновидните активности потоа. Единствено, уверувањето дека светиот дух вечно бдее над ова исконско светилиште и врвен споменик на македонската култура и идентитет не не напушта.  Расчистувањето за реконструкција на конаците е во тек.

Констатација:

Локалитетот на кој денес се наоѓа манастирот со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ културно егзистира уште од праисторијата, најмалку од периодот на енеолитот.

Лавот (големата карпа во форма на лав) – има мали скалки и држачи за раце за искачување до самиот врв. Од западната страна, на еден понизок дел од карпата, на тераса со површина од околу 30 м2, има остаток од камена градба, како и една карпа со голема вертикална ниша со отворено дно. Карпата со нишата има обработени скалести и зарамнети форми и на горното плато. Градбата била конструкција од камен ѕидан со малтер, а околу не се среќаваат и фрагменти од тегули и имбрески. Има и фрагменти од керамички садови. Скалки има и за искачување до самиот врв, а на западната страна на највисокиот дел од карпата има поголеми каналести форми, веројатно за одвод и заштита на градбата на споменатата тераса. На самиот врв, дел од карпите се со зарамнети платоа, а на две места има заковани железни профили, веројатно за поставување знаме или слични реквизити во минатото.