ГОЛЕМА ТВРДИНА ОД СУВОЅИД НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ВЕСЛЕЦ“, МЕЃУ СЕЛАТА ШТАВИЦА, МАРУЛ И БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО

На едно од најбележитите места во источна Пелагонија, на планински врв од Се­лечка Планина со звучно и естетско име „Веслец“, висок 1322 m, се наоѓаат интересни културни содржини од периодот на раната антика. „Веслец“ зафаќа истурена позиција на еден крак од Селечка Планина, кој се протега јужно од превојот Слива, десно од патот Прилеп – Витолиште, меѓу селата  Штавица, Марул, Подмол и Бонче, влегувајќи „дрско” кон рамнината Пелагонија и надвисувајќи се над неа со божествена форма на небесна капа. Доминирајќи со широкиот простор на тој дел од Пелагонија, овој врв не можел да не биде искористен во старите периоди, особено во времето на македонските кралеви Филип Втори и Александар Трети македонски, кога владее силен развој со експанзија на македонското владеење во голем дел од тогашниот свет. Во недостаток на археолошки и историски податоци, сепак можеме да претпоставиме дека овој доминантен врв, кој располага со рамно плато со завидна површина, бил експлотиран и во претходните периоди, како едно од стратешките места на старото Пелагонско Кралство.

ОСТАТОЦИ ОД СИЛНА ТВРДИНА НА ВРВОТ

На самиот врв, кој претставува рамно плато од 2–3 ha површина, со елип­совидна форма, се среќаваат фрагменти од керамика, длабени форми по карпите, како и остатоци од старо утврдување. Остатоците од тврдината, особено се забележуваат од северозападната страна, а од јужната страна, на околу 100 m под врвот, има остаток од голем сувоѕид во должина од околу 500 m со дебелина на ѕидот и до 1,8 m. Ѕидот е правен од големи камени плочи кои потекнуваат од самиот „Веслец“ и денес стои на ова место како нем сведок на некое старо стратешко место со тврдина, која бил дел од стратешките фортификации на старото и малку познато Пелагонско кралство, а подоцна и на Македонското кралство за заштита на Македонија од ограбувачките напади на северните и западните племиња, како што биле Дарданците и Илирите. Источната страна на врвот е заштитена со високи, грамадни карпи и на таа страна не се забележуваат видливи остатоци од ѕид, а влезот во утврденото плато се наоѓал од северната страна од која има најлесен пристап до него. Сосема е веројатно дека имало уште еден влез во утврдувањето, по пат кој водел по падините на „Веслец“ од страната на селото  Штавица и правејќи голем лак околу планината му приоѓа на врвот од југ. Делови од овој пат и денес можат да се видат правени со големи камени плочи и камења. Овој пат и денес е погоден за пешачење до врвот бидејќи жителите на селото  Штавица, до пред неколку децении, активно го користеле за обработка на плодните површини од локалитетите Долна и Горна Рамна, кои претставуваат поголеми тераси со плодна почва високо во планината.

СТРАТЕШКО МЕСТО НА ПЕЛАГОНСКОТО И МАКЕДОНСКОТО КРАЛСТВО

„Веслец“ има одлична комуникација со врвот „Висока“ или „Цуцул“, и сосема е сигурно дека тврдината на „Веслец“ била од посебно значење за заштита на големата населба расположена на локалитетите „Старо Бонче“ и „Висока“, која има капацитет за своевиден центар на старото Пелагонско кралство, односно центар на кралството на Пелагонците. Со својата доминантна позиција над областа Пелагонија и во добра визуелна комуникација со големиот број слични врвови од поширокиот простор, оваа тврдина, веројатно, имала исклучително значење и во одржувањето на меѓусебните врски и известувањето за движењето во целиот простор.

На околу 1 km северно од „Веслец“, во близина на патот за Витолиште се за­бе­­ле­жуваат и остатоци од гробови од типот циста – правени со камени плочи, но тие се, речиси, це­ло­сно уништени со диво раскопување. Остатоци од гробови на превојот Слива има од двете страни на патот за Витолиште. Некои се раскопани и со булдожери, со отво­рање на патишта или слични раскопувања на теренот. Делови од гробови од типот циста мо­жат да се видат и на површината на самиот терен, а можат да се најдат и фрагменти од керамички садови. Некои од нив покажуваат естетика слична на керамиката од раната антика, но поради ретките наоди тешко е да се тврди. Релативно блиското растојание до тврдината на „Веслец“ може да значи дека овие погребни места имале врска со шителите на тврдината, но тоа не е лесно да се потврди.

Распрос­тра­нетоста на остатоци од некрополи на превојот Слива е извесна индикација за населување и на самиот простор во минатото. Освен остатоци од некрополи на поши­ро­киот простор, особено од левата страна на патот кон Витолиште, се насетуваат остатоци и од поинакви конструкции, од некоја помала населба или слични појави. Овој простор има неколку извори на вода за пиење кои овозможуваат услови за подолг престој и за живеење.