СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО МЕЃУ ТРАУМИТЕ И ИДНИНАТА

Овде „мириса“ на напластена историја. Длабок е коренот на постоењето, духови на сите времиња „шетаат“ по ридовите, камењарите, долините и стрмнините. Често се „слуша“ нивниот џагор, лелек, смеа или шепотење. Многу судбини вкоренети во просторот зачмаен од старост, заборавеност и немарност го полнат етерот како дел сепостоечкото, вонвременското и неминливото. Тоа чувство кое те поткрева, возбудува, вознемирува и понесува кога се наоѓаш овде, во мариовското село Чаниште и неговата околина, преполна со траги на милениумското присуство. Напуштено од денешните стратези на времето, „умните“ глави на современоста, кројачи на „светлата иднина“. Денес неколку семејства, заблудени во својата идила, пргави отпорници на пустошот, зачудувачки борци против неразумието и заблудата, успешно се справуваат со предизвиците на стихијата на природното и општественото. Всушност, потсетуваат на фактот дека опстанокот беше, е и ќе биде бескомпромисна борба со негативните сили на небиднината.

Селото Чаниште – централниот дел

ОД ЧАНИШТЕ БЕГОТ ЈА ГРАБНАЛ УБАВАТА КЕЛЕШ АНЃА

Сместено, ниско, во близина на течението на старата и култна река, некогаш нарекувана со митолошкото име Еригон, денеска со описното име Црна Река, на двата брега на Крушевичка Река, на околу 35 км јужно од Прилеп. Патот води преку превојот Слива, па десно по тесниот асфалтен пат, преку селото Крушевица. Еве не под историскиот врв Маргара, во на камнестиот простор на кој се расположени стотина камени градби, некогаш на 700 до 800 жители, денес селото е сведено на четириесетина борци со неразумието на уништувачките стратегии. На јужната периферија неминовно ќе ви го тргне погледот големата училишна зграда, цо цврсти темели и ѕидови зацврстени со малтер, прилепена на карпестиот брег на реката, која денес зјае со празните училници во кои само пред неколку децении се слушаше џагорот на стотина ученици од ова село и соседното Крушевица.  Долу, пониско, покрај самат река, на рамниот простор, кого реката полукружно го заобиколува, се уште му пркосат на времето ниските задружни згради, со продавницата, магацините, младинскиот клуб, кои им ги будат чувствата на постарите жители со потекло од ова село, постсетувајќи ги на младешките лудории, првите младешки возбуди и средби со срамежливи насмевки, созревање.

Манастирот „Св. Петка“ на локалитетот Старо Село
Куќа со ограда од турскиот период
Импровизиран мост во центарот на Селото

Селото е старо, повеќе векови, се споменува во турските дефтери уште во петнаесетиот век. Во близина е локалитетот Старо Село, на кој, според преданието се наоѓало некогаш селото. Овде денес егзистира манастирот Св. Петка, Според раскажувањата одовде на празникот Св. Петка, била грабната убавата невеста од селото Старавина, општина Новаци, Калеш Анѓа. Дошла на гости во чаниште кај роднини на Сирмевци од Старавина, тука се појавил турскиот бег и ја грабнал од средселото, од орото кое се виело за празникот. Тука започнува трогателната приказна за Калеш Анѓа, тука се зародила и песната „Калеш, бре Анѓо“.

ПАПА РИСТЕ ЧЕБРЕНСКИ

Во атарот на селото Чаниште има десетици локалитети со населби, тврдини, гробници и други остатоци од најразлични периоди. Културата овде се провлекува во континуитет од повеќе милениуми, уште од новото камено време. Токму една од најстарите населби се крие сосема блиску до селото од неговата северозападна страна, на локалитетот „Ѓерамиди“.

Во црквата Св, Петка ќе ги сретнете старите културни врски на селото со големиот манастир познат како Св. Димитрија – Чебренски. На предниот ѕид во црквата, од внатрешната страна, десно од вратата, е насликан Папа Ристе Чебренски. Денес негови потомци од селото го носат истото презиме, како чувари на наследството и културниот континуитет. Насликаниот предок во црквата „Св. Петка“ бил еден од игумените во древниот Чебренски манастир. Оттука и презимето. На страната на селото Чаниште, на левиот брег на Црна Река, се наоѓале и водениците на манастирот. Тие биле вистинска „фабрика“ за мелење брашно. Во нив се мелело брашно, дури, на дванаесет воденички камења.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Чаниште
Оро во дворот на манастирот „Св. Петка“ 1
Оро во дворот на манастирот „Св. Петка“ 2

ВРВОТ МАРГАРА И ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ КОМИТСКИ БИТКИ ПО КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА

По паѓањето на Крушевската република кон средината на август 1903 година, селото Чаниште често го посетувале комитските чети, учесници во востанието и турскиот аскер, кој постојано бил во потера по востаниците. Едните доаѓале во селото за да се снабдат со храна и облека, другите за да им влезат во трагата на прогонетите. Често, за да ги присилат да им кажат каде се кријат комитите или во кој правец заминале, Турците земале некои од селаните, кметот или некој друг, ги врзувале со главата надолу, на некоја гранка од дрвјата на средселото, крај Крушевичка Река и немилосрдно ги тепале. Ги камшикувале и по отворените рани им турале сол за да им лутат и горат раните од камшикот.

Некаде во при крајот на август или почетокот на септември 1903 година во селото поминале и околу 150 востаници – војводи и чети од Костурско. Откако им било заклани неколку грла од добитокот и биле нахранети заминале кон Прилеп. За кратко време наминал аскерот и имало големо измачување на жители од селото за да кажат каде заминале востаниците. По неполн месец, во селото повторно се вратиле истите чети, а со нив и четата на Ѓорче Петров. Се распослале по чукарките над селото, од западната страна, за да одморат и да се нахранат. Меѓу нив биле и големите македонски револуционери и војводи, како Лазар Поптрајков, Иван Попов, Лука Иванов и др. Од некаде стигнал аскер и ги нападнал рано претпладне. Комитите успеале да го одбијат првиот напад и да се повлечат кон врвот Маргара во правецот на селото Орле. Се развила голема битка межу 150 востаници и 5.500 турски аскер. Вечерта вистаниците, со фрлање на буре полно со барут, со запален фитиљ меѓу турските војници, успеале да се пробијат и да се повлечат преку Црна Река, кон селото Будимирци. Зад нив останала нива преполна со мртви турски војници. Тоа се случило на 2 октомври 1903 година, за битката денес, како обележје, стои една темно-сива камена плоча со натпис на ѕидот на училишната зграда.

Зградата на напуштеното училиште
Манастирот „Св. Петка“
Црквата „Св. Петка“

ЦЕЛОТО СЕЛО ВО ЈАМБОЛ – БУГАРИЈА

За време на Првата светска војна Чаниште е едно од селата кои најмногу настрадале. Околу 750 до 800 жители биле комплетно интернирани во областа Јамбол, во Бугарија. Долго било патувањето на жените, мажите, старците и децата, големи страдањата. Само по некој член од одредени семејства останале во некои од околните села за да зачуваат нешто од имото, особено добитокот. Митре од Анѓелчевци останал како еден од помладите од семејството во селото Вепрчани, но не преживеал. Го фатила некоја тешка болест и починал во ова село, пред да се вратат неговите од Јамбол.

Од осумстотините интернирани жители, по завршувањето на војната се вратиле само 250 до 300 жители. Не, не останале да живеат во Јамбол, туку зафатени од болести изумреле, таму или некаде по патот. Со голем напор, тешка работа и селото повторно се закуќило и брзо го достигнало жителството од пред интернацијата, па и поголемо од него. Последиците од војната продолжиле да ги трауматизираат жителите на Чаниште. Тие долго, при обработката на нивите, „ги слушале“ лелелците и викотниците на војските, на ранетите и убиените, на нивните духови, кои не сакале или не можеле да ги напуштат боиштата по Маргара, Топли Дол, Полената, Црна Река. „Навечер“ излегувале од рововите и развикувале „ура“ или лелекале како последица на раните од кои починале овде по ридиштата околу селото.

Селото Чаниште со Маргара 3
Историскиот врв Маргара врвот 1
Историскиот врв Маргара врвот 2

ХЕРОИТЕ НА НАЈНОВАТА ТРАУМА

По спроведувањето на „напредните“ економски стратегии од комунистичкиот период Чаниште повторно е изложено на голем предизвик. Ќе опстане или сосема ќе исчезне. Спадна на само неколку десетици жители, повеќето од постара возраст. Сепак, отпорот продолжува на разни начини. Тоа прегрпми големи трауми во својата долга историја, па можеби и сега ќе најде начин да на го прекине своето долго патешествие низ времињата. Тука се и неколку помлади жители, на кои им е мил просторот и татковите огништа, па дури и се задоволни со она што им го дава овој простор, кој дише со богатсвото од култура и историја, но и со услови за сточарење, лов, риболов и други вредности и потенцијали. Еден ден, можеби, ова ќе го забележат и големите стратези на развојот и иднината, па така денешните жители, ќе бидат хероите на најновата траума на ова убаво село.

Двајца денешни жители – Ристе и Трајанка Стојаноски
Куќа со стадо овци
На пасиште близу до селото 1
На пасиште близу до селото 2