МЕШАЊЕ НА ВРЕМИЊАТА И УПОТРЕБАТА НА ГЛАГОЛОТ „ЗЕМА“

Во последниве децении при употребата на македонскиот јазик се случуваат голем број груби отстапувања од стандардниот литературен јазик, односно, грешки од правописен карактер. Таквите отстапки и грешки во примената на јазикот прават вистинска естетска, семантичка и морфолошка узурпација. Особено, загрижува фактот дека тие се присутни и во голем број текстови, кои се професионални производи во области во кои јазикот и неговата примена се од првенствено значење, како и во текстови на врвни институции во државата. Тоа го наметнува проблемот на огрубување или вулгаризирање, но и нарушување на основниот институционализиран јазик и правопис.

Овде ќе го истакнеме примерот со еден од најчесто употребуваните глаголи на сосема погрешен начин. Тоа е глаголот „зема“, односно, „зеде“. При примената на овој глагол постои исклучителна зачестеност на мешање на глаголската форма од минато свршено време и сегашно време. Имено, стана вистинска пракса, место глаголот од минато свршено време „зеде“, да се употребува формата „зема“, место „зел“, „земал“, односно, место „зела“, „земала“ и сл. Со тоа се прекршени основните граматички правила и се создава вистинска забуна, која ја менува дури и семантичката димензија.