ЗЛАТОВРВ СО МАНАСТИРОТ УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ТРЕСКАВЕЦ

ЦЕНТАР НА ВЕЧНА СВЕТОСТ

Патот кој води од Маркови Кули кон врвот Златоврв со манастирот Трескавец е пат на свето одочастие со митски доживувања кои го поткреваат духот. Самиот простор среде кој е поставен овој врв, неговата единствена конфигурација и природната естетика со која зрачи се вистинска реткост на поширокиот простор на овој дел на Македонија, ако не и пошироко. Тоа, се чини, го забележале уште најстарите жители на овие простори кои биле силно врзани и зависни од просторот на кој живееле. Уште повеќе, фасцинантните појави и форми тие си ги објаснувале со приказни за божјо присуство или за своевидно појавување на боговите. Самиот факт што Трескавец е високо исправен како буден чувар над широката Пелагониска рамнина во која имало населби уште во каменото време предизвикува и денес силна фасцинација со митски слики. Всушност, со својата стаменост, специфичната конфигурација и „близината“ до небото овој дел од планината е идеален простор за „седиште“ на боговите кои секогаш ги „одбирале“ највисоките и најубавите места, посебно во антиката.

Култниот врв во зеленило

Самото име „Трескавец“ буди асоцијација на врховниот бог во античката мито­логија Ѕевс кој, како што ни е познато бил господар на молњата и громот и секогаш кога сакал некого да казни фрлал безмилосно со молњи и громови. Дали овој антички господар над боговите и луѓето бил присутен и на Трескавец со сопствено светилиште тешко е да се каже. Фактот што под врвот Златоврв каде што денес е сместен манастирот Трескавец се пронајдени бројни траги од античка населба, ни дава икслучиво право да констатираме дека на овој простор „владееле“ боговите на антиката во своето време. Од друга страна, нивното постоење во антиката е условено од нивното раѓање во некој од претходните периоди на цивилизацијата на соодветно духовно ниво. Трагите од тие периоди, се чини, исто така се кријат меѓу големите гранитни монолити, меѓу пештер­ските простори кои тие ги оформуваат и на некои од помалите и поголемите тераси на планината под Златоврв и околу него.

Траги од античко светилиште се пронајдени со археолошките истражу­вања на Трескавец. Според пронајдените мермерни споменици со натпис на кој се споменуваат антички богови на овој простор, веројатно постоело и античко светилиште. Всушност, светилиштето на боговите било во рамките на населбата од античко време, која, исто така е потврдена со археолошки наоди. Тоа значи дека во периодот на антиката Трескавец бил светилиште во кое доаѓале безброј поклоненици да им принесат жртви на боговите и да ги умилостиват да бидат благи со нив и нивните блиски. Можеби корените на светоста на денешниот храм треба да се бараат токму во тоа време, ако не сосема длабоко во почетоците на човечката цивилизација кога ова место со митски амбиент станало вистинско „седиште“ на древните богови. He e претерана ниту претпоставката дека овој стамен врв над Пелагонија од секогаш во своите древни карпести форми носел митски димензии и светост. Трагите на прастарата цивилизација од каменото време, според некои кажувања, се присутни и на самиот врв и околу него кој, според преданието, на својата највисока точка носел златно јаболко кое се гледало дури од Солун. Дали златното јаболко било своевиден ориентир во древните времиња?

Манастирот од врвот

Фасцинантните карпести форми на Трескавец не завршуваат со врвот Златоврв. На просторот пред него се среќаваат повеќе други карпи кои со своите форми му се наметнуваат на поширокиот амбиент. Меѓу нив посебно место зазема камениот „Лав“ со огромни размери кој заедно со една помала карпеста форма зад него се забележуваат од поширокиот простор на Пелагонија предизвикувајќи го духот на набљудувачот на размислување за просторот на кој живееме. На грамадната карпалав и денес се забележуваат значителни остатоци од ѕид, а околу него и на неговата горна површина има и голем број парчиња од стара керамика. Co сите ове форми и самата географска положба овој простор веројатно од секогаш го привлекувал вниманието на човекот предизвикувајќи кај него посебна почит кон ова место. Таквиот однос и фасцинација на некој начин трае се до денес изразено преку големиот број посети на Златоврв и светилиштето под него кое има сосема длабоки корени на светост кои допираат до времето на раѓањето на самата религија.

Мистиката е дел од „Трескавец“

ХРАМ  НА  АНТИЧКИТЕ  БОГОВИ АПОЛОН  ГРОМОБИЕЦОТ  И  АРТЕМИДА  ЕФЕСКА

Присуството на древните богови на Златоврв на просторот на денешното светилиште манастирот Трескавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е регис­трирано со дури 4 мермерни споменици 1 со натпис, кои се пронајдени на тој простор. На три од нив се споменува името на богот Аполон, а на еден името на неговата сестра Артемида. Нивното наоѓање укажува на постоење древно светилиште на овој простор посветен на овие антички богови. Тоа, од своја страна наведува и на претпоставката дека освен трагите од древните светилишта на Аполон и Артемида на ова место можеби постоеле светилишта и на други антички богови.

Карпата позната како „Лавот“ од запад

Случајно или не еден од спомениците со натпис на кој се споменува името на боговите и на населбата од антиката денес стои како постамент за крстот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. 2 Храмот кој веројатно постоел на овој простор можно е да бил изграден на истата локација на која денес се наоѓа црквата во манастирот. Името на богот Аполон се споменува дури на три натписи на мермерни споменици, додека името на Артемида на четврт споменик со малку подолг натпис. На една мермерна ара која е донација посветена на богот Аполон се споменуваат имињата Флавиа, Нике и Никандрон, а Аполон е наречен Етеуданиско, додека на една мермерна стела (надгробен споменик) натписот започнува со името на Аполон кој е наречен Атеуданос (громобиец), а во натамошниот текст се споменува името Титус Флавиус Антигон кој веројатно е син на покојникот на кому му го посветил споменикот во името на големиот бог Аполон. И на другите три мермерни споменици со натпис каде што се споменува Аполон тој е нарекуван Громобиец. Каква е врската помеѓу овој негов атрибут и денешното име на христијанското светилиште под Златоврв наречено Трескавец со што е поврзано едно друго предание? На третиот споменик кој претставува мермерна стела името на Аполон е повторно со додаток, сега Етеуданикос. Покрај името на богот се споменуваат и имињата на смртниците Гај Пумиј Агрипа, женското име Ана, потоа Кратева и Адимос. Името на божицата Артемида се споменува на една мермерна стела на која таа е наречена Ефеска според големиот храм во градот Ефес во Мала Азија кој и бил посветен на оваа божица.

„Лавот“ од исток

Двајцата богови од антиката кои се споменуваат на повеќе антички споменици пронајдени на Трескавец Аполон и Артемида се брат и сестра кои потекнуваат од врховниот бог во античкиот свет Ѕевс и Лето 3 која, исто така е култ на поголем простор. Аполон е бог на музиката, фило­зо­фијата, астрономијата, медицината, математиката и природните науки, на пророштвото и знаењето воопшто, а веројатно од таквите негови епитети произлегува и неговиот атрибут како бог на светлината нарекуван со специјалното име Фојб 4 , а кое означува сончева светлина, благодатна светлина и јасност. Така тој е обожуван како бог на светлината. Овој негов епитет, исто како и неговиот атрибут Громобиец, има силна асоцијација на просторот на кој се наоѓало и неговото светилиште (Трескавец) кое со својата географска положба и свртеноста кон Исток каде што се раѓа сонцето е вистинско место за богот на светлината.

Фасцинантни карпести форми – „Лавот“ и „Желката“

Артемида која потекнува од исти родители како и Аполон е божица на ловот посто­јано претставувана со лак и стрела, но исто така таа е заштитничка на бракот и децата како вечна девица. Таа, како и нејзиниот брат, е една од божиците кои се многу често спомену­вани од античките автори уште од Хомер што значи дека нејзиниот култ бил жив уште во железното време. Меѓу другото таа е божицата која од војсководачот на Ахајците под Троја Агамемнон ја бара за жртва неговата најмлада ќерка Ифигенеја доколку сака да победи во војната со Тројанците. За тоа пишувале и античките трагичари меѓу кои и Еврипид. 5

Фактот на присуството на двајцата богови Аполон и Артемида кои се двајца од главните дванаесет антички богови неминовно предизвикува на размислу­вањето за познатите светилишта посве­тени на богот Аполон и Артемида како што е светилиштето со пророчиште во Делфи, на островот Делос кој се сметал за негово родно место и други.

Камен блок со претстава на змија

Зашто Аполон како бог, се чини, најмногу бил привлечен со моќта за пророкување која им ја дарувал на своите посветени верници, како што им ја подарил и на своите миленички Музите и на неговите свештеници Орфеј и неговиот син Мусај. Дали вакво пророчко светилиште постоело и на Трескавец? Прашањето во секој случај не е излишно кога се знае какво значење им се придавало во антиката на пророштвата кон кои многу често се приклонувале и највиските личности од антиката како што биле кралевите, војсководците и јуна­ците на античкиот свет кои редовно им се обраќале на пророците во светилиш­тата за совет и имале голема верба во толкувањето на знаците. За светот најпоз­нато е светилиштето во Делфи во кое специјална свештеничка преку ритуали им ја пророкувала судбината на луѓето кои доаѓале во него. Светилиштето на таков начин доаѓало до огромни богатства во злато, сребро и бронза што ги подару­вале благодарните богати кралеви или високите аристократи.

Свештеничката која била нарекувана Питија најпрво била млада де­вој­ка, а подоцна нејзината улога ја преземале постари жени. При проро­ку­вањето таа правела посебни ритуали. Најпрво се капела во изворот Кас­та­лија, потоа облекувала долга облека, согорувала ловорови листови со брашно од јачмен, се напивала вода од друг извор Касиотида, џвакала ловоров лист и дури потоа седејќи на триножно столче над кратерот во храмот и вдишувајќи опојни дроги говорела пророштва во стихови. 6

Мермерен блок со натпис посветен на Аполон

Една стара легенда со Аполон го поврзува и македонскот крал Мида од фригиско потекло кој имал свои градини на планината Бермион во Ма­кедонија. 7 Херодот говори за потеклото на Аполон и Артемида од земјата на мистери­оз­ниот народ Хиперборејци кои живееле некаде на далечниот север. Тој ги опи­шу­ва нивните обичаи секоја година да носат дарови на островот Делос каде што било светилиштето на Аполон и Артемида и притоа напоменува дека тој лично знаел дека при носењето дарови на „кра­лицата Артемида“ Трачанките и Пајон­ките секогаш носеле слама од пченица. 8 Дека култот на Аполон и Артемида на просторот на Маке­до­ни­ја, во која едни од најстарите жители се Пајонците, бил посебно жив поз­на­то е и од други извори и археолошки наоди на поширокиот простор. Сето ова го пренесуваме заради претпоставката дека слични ритуали и про­цесии се одвивале и во некогашното светилиште на Аполон и Арте­мида на Трескавец. Неговото потекло во секој случај е, веројатно, сосема дллабоко во времето на постоење на Трескавец, во античката населба која опстојувала во тоа време на рамнината под Златоврв која зафаќа повеќе хектари површина.

Мермерен блок со натпис посветен на Аполон 2

Токму на такви корени на светост лежи и денешниот христијански храм посве­тен на Св. Успение на Богородица во близина на светлината, на небото, на обла­ците, молњите и громовите, кои овде добиваат посебна димензија која, во исто време, застра­шува и висхитува, потсетувајќи на убавината на постоењето, на природната нерастајнивост и бескрајните простори на духот. Митската димензија на овој простор, и денес, само се надградува во прекрасниот карпест простор, кој зрачи со својата старост и светост, со својата денешна света христијанска градба, манастирот Трес­кавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, кој е преполн со познати и непознати материјални и духовни содржини.