ОБИЧАЈОТ ПОКРСТИ ВО СЕЛОТО ЧУМОВО

Старото запустено село Маломомци се наоѓало во близина на местото шешеројца, еден километар јужно од денешното село Чумово. Откако чумата го нападнала ова село, истепала многу жители и селото се запустило, последна ѕидина од неговите куќи останала од куќата на семејството Дрпачовци, кои подоцна куќното место го претвориле во лозје. Преживеаните жители на селото Маломомци се преселиле на скришно место, нешто погоре во тогашната густа шума и го основале селото Чумово. Жителите на чумосаното село Маломомци се нарекувале чумосани и така ја лажеле чумата за да не доаѓа да ги уништува. Без заштита, луѓето во новооснованото село Чумово се плашеле од повторен напад на чумата и затоа селото го заорале наоколу со една бразда со два црни вола близнаци и со двајца браќа близнаци.

Селото Чумово 2

Со заштитувањето на селото од чумата, жителите на Чумово не биле задоволни. Тие сакале да си ги заштитат и полето и пасиштата од разни несреќи, од силни врнежи, громови, пожари, суши и сл. За да има добар бериќет од полето тие си организирале и една традиција од верски карактер. Верските белези на традицијата се гледаат во користењето крст, икони, клепало, нафора, учествувал поп, црковен хор, притруп и се нарекувала Покрсти. Оваа верска традиција со културна вредност во Чумово се одржувала секоја година на вториот ден на Велигден, од утрото до попладнето, додека се прошета целото поле од атарот на селото. Жителите на селото од порано поканувале свештеник, кој доаѓал уште првиот ден на Велигден попладнето и самиот избирал семејство во чија куќа ќе преноќева. Следниот ден на Велигден, утрото кога изгрева сонцето сите што имале намера да шетаат на Покрсти, без разлика на момчиња или девојчиња, се облекувале во нова, свечена велигденска облека, некои појадувале, некои не и, заедно со одреден број постари домаќини од селото се собирале кај кладенецот во близина на црквата. Тука доаѓале и попот, притрупот, тропачот на клепалото, одредено лице кое носело лопата за да копа дупки на местата кои се посетувале и на кои попот пеел вода, леб и вино.

Селото Чумово 3
  1. ПОЧЕТОК

Кога ќе се соберат сите луѓе, учесници на Покрсти кај кладенецот, во присуство на попот и притрупот се отвора црквата, во неа влегуваат момчињата (ергенчињата), ги вадат сите икони надвор, исчистени уште пред Велигден, ги носат кај кладенецот, се редат по ред, на чело попот, потоа притрупот со клепалото на рамо, по него тропачот на клепалото, потоа доаѓаат момчињата во четири реда, сите со икони во рацете, по нив се редат девојчињата. Како момчињата така и девојчињата се построени во четири реда. Бројот на момчињата и девојчињата можел да достигне од педесет до шеесет. Со тоа Покрстите почнуваат. На Покрстите можеле да учествуваат и младоженци. Од свештеникот наназад сите редови со лицето се свртени кон исток, кон Ерусалим и кон симболот на светлината – сонцето. Свештеникот оди и го отвора вратничето на кладенецот и започнува неговата служба – покрстување на водата во него. При пеењето попот во рацете држи книга и кадилница со запален темјан и додека тој ја врши службата покрстување на водата другите присутни слушаат и, кога ќе треба, се крстат и изговараат „Господи помилуј!“

Селото Чумово 4

Откако ќе ја покрсти водата во кладенецот, попот три пати црпе од водата во него со лејката и ја истура во реката и со тоа водата е покрстена. Потоа попот полни едно барде вода од кладенецот за да му се најде за попрскување со босилекот при службата на местата на кои нема вода. Со тоа завршува молитвата на попот и почнуваат да пеат момчињата и девојчињата, а гласот на попот само им одговара со „Господи помилуј!“ Момчињата и девојчињата пеат:

„Крсти носам, бога молам Да се роди леб, млеко, вино Јачмените до појаси, господи помилуј! А ’ржите до шлемила, господи помилуј! Пчениците до гредите, господи помилуј! Ливадите до колена, господи помилуј, господи помилуј!“

Додека момчињата и девојчињата пеат, клепалото постојано тропа. Кај кладенецот човекот со лопатата копа дупка во земјата. Таа служи за изведување на церемонијата. Во неа се тура вино, се става нафора и се попрскува вода.

Селото Чумово 5

По завршувањето на хорското пеење, поставувањето нафора, турање вино и попрскување вода, човекот со лопатата ја враќа земјата во дупката и ја зарамнува. Со тоа церемониите кај кладенецот се завршени и се продолжува кон другите места од атарот на селото Чумово.

  1. МЕСТОТО КЛИНКАЧ

Поворката со попот на чело, тргнува северно зад црквата, над Аџиовци и Мустревци, хорот пее, клепалото тропа, попот одговара со „Господи помилуј!“ и стигнува на ритчето Клинкач. Тука сите застануваат, се свртуваат кон исток и попот започнува служба со пеење покрсти, со книга, босилек и кадилницата со запален темјан. Другите молчат, а старите му одговараат на попот со „Господи помилуј!“ или „Амин, господи!“ човекот со лопатата копа дупка, попот става во дупката парче од панаѓијата, тура вино и дупката повторно се зарамнува. Момчињата и девојчињата повторно пеат:

„Крсти носам, бога молам Да се роди леб, млеко, вино Јачмените до појаси, господи помилуј! А ’ржите до шлемила, господи помилуј! Пчениците до гредите, господи помилуј! Ливадите до колена, господи помилуј! Изворите полни вода, господи помилуј!“

Клепалото постојано тропа, а попот на хорот му одговара со „Господи помилуј!“

  1. ТАБАЧИЦА

Покрстите одат надолу, кон синорот на селото Прилепец. Се оди по истиот ред. Попот напред, хорот по него и пее, а клепалото тропа. Поворката стигнува до местото Табачица. Девојките се накитени со цвет од свеж петопрст. Церемонијата опишана претходно повторно се повторува на истиот начин. На местата каде нема извор со вода покрстувањето се врши со водата од бардето налеано од кладенецот кај црквата на Чумово.

Табачица
  1. ЧАЛМА

Од местото Табачица се оди во местото Чалма. Таму нема природен извор вода и се употребува водата која е налеана од кладенецот кај селската црква. Церемонијата на покрстувањето се повторува исто како и во претходните места.

  1. ГОРНА И ДОЛНА ГЛУВА

Поворката од Чалма се упатува меѓу местата Горна и Долна Глува каде, исто така, се изведува покрстување на водата. Таму повторно се употребува водата што се носи од кладенецот кај селската црква, бидејќи нема извор.

  1. ЧАЛИ

Местото Чали се наоѓа под синорот на селото Прилепец, во близина на местото каде што се влеваат Прилепечка и Волковечка Река една во друга. Таму има извор и на него кладенец соѕидан со камен. Со гласот и песната на хорот се помешуваат звукот на клепалото и гласот на птиците и штурците, просто да ти е милина да слушаш. Церемонијата се повторува и овде. Потоа попот напред, другите од поворката по него, хорот пее „Крсти носам…“ клепалото тропа и поворката доаѓа на патчето кое во близина на чешмата Џумушица се дели од горниот мариовски пат и на брежето пред чешмата шопур се спојува со долниот мариовски пат, кој води во битолскиот дел на Пелагонија. Со песната на хорот „Крсти носам, бога молам“ и со тропање на клепалото завршува церемонијата на покрстувањето на водата во местото Чали. Поворката со попот на чело, момчињата со иконите и девојчињата со киските, старите селски домаќини, кои одат последни, и другите учесници продолжува кон чешмата шопур.

  1. ШОПУР

Од Чали, покрстувачите се упатувааат кон чешмата шопур. Таму поворката запира, клепалото прекинува со тропање, а хорот на младинците и младинките со пеењето, лопатарот копа дупка, попот започнува со молитвата; тој работи со двете раце. Чита од книгата, со кадилницата од која чади запалениот темјан прави крст на сите четири страни, киската со босилек и железниот крст ги натопува во ваганот со вода земена од чешмата и попрскува на сите четири страни. Ги попрскува сите присутни, никој не се лути, тоа е за здравје. Додека ги прави овие церемонии попот во пеењето споменува богат бериќет во полето и здравје за сите луѓе од селото, а селаните домаќини одговараат со „Амин, господи, и за ваше здравје!“ На чешмата шопур се пее најдолго, таа е главниот извор вода за пиење од кој се снабдуваат чумовечките аргати кога работат по полето, а таа е и главен извор за напојување на добитокот. Чешмата шопур е уште поважна за патниците кои доаѓаат на пазар во Прилеп дури и од најдалечните села на Мариово и селата во Битолско поле. По завршувањето на церемонијата со покрстувањето на водата од чешмата шопур, тука се прави половина час одмор. Се прави ред сите да се измјат и да се напијат од покрстената вода на чешмата, некои прошетуваат и повторно се собираат за да продолжат со покрстите низ полето. Ако помине некој патник по патот со добиток, ќе се измие и ќе се напие од покрстената вода, а ќе го напои и добитокот.

Чешмата „Шопур“
  1. ЈОСИВИЦА

Кога ќе измине предвиденото време за одмор, поворката повторно со попот на чело, тргнува кон местото Јосивица, источно од чешмата шопур. Сега поворката се движи на другата страна на Чумовечко, страната на која се допираат чумовечкиот и штавичкиот синор. Момчињата и девојчињата пеат, клепалото тропа, попот им одговара на пејачите со „Господи помилуј!“ Учесниците од поворката се веќе гладни, но знаат дека церемонијата е при крај зашто се движат кон селото Чумово. На местото Јосивица повторно се изведува церемонијата на покрстување на водата на идентичен начин како и на претходните места на кои се покрстува вода.

  1. ШЕШЕРАЈЦА

Последното место на кое се врши покрстување вода е местото Шешерајца, во близина на местото на кое се наоѓало селото Маломомци, запустено од чумата. Таму нема извор вода, затоа поворката си носи вода од чешмата шопур, се тура во земјениот ваган и попот може да започне со пеењето. Овде во ископаната дупка се става последното парче леб од панаѓијата, попот пее „Алелуја, господи помилуј!“ за добар род и плод во полето и во добитокот, за здравје на луѓето. На тоа сите одговараат со „Амин, господи!“ Лопатарот ја враќа земјата во дупката и поворката се подготвува за продолжување кон црквата, бидејќи Шешерајца е последното место на кое се покрстува вода.

  1. ВРАЌАЊЕ ВО ЦРКВАТА

Со покрстувањето во шешерајца церемонијата е завршена и поворката на чело со попот ѓорѓија Попоски, со црковно име Ангелаки од Прилеп, се враќа кон црквата на Чумово. Сега покрај попот ѓорѓија одат сите постари домаќини од Чумово, кои учествуваат во церемонијата и дотогаш одат на крајот на поворката. Потоа следуваат притрупот со клепалото на рамо и со тропачот на клепалото, а по нив момчињата со иконите и девојчињата со китките од петопрст во рацете и венчиња од цветови на главите. Поворката во четири реда излегува на патот што води во селото, часот е околу 13 и 30, песната не стивнува, клепалото тропа и изведувачите на церемонијата се доближуваат до куќата на Боше Бошески – Писокалецот. Неговите внуци и внуки продолжуваат поминувајќи со поворката пред куќата, не се делат. Потоа следува селската чешма во реката, меѓу Апостоловци и Бапковци. На чешмата се насобрал многу народ за да ги пречека покрстувачите на водата во полето. Помалите деца трчаат крај поворката и мавтаат со рацете во знак на добредојде и благодарност, со навестување дека следната година тие ќе ги заменат сегашните момчиња и девојчиња во изведувањето на покрстите.

Црквата „Св. Никола“ 1

Поворката не застанува ниту на сретсело, песната и натаму продолжува, а исто така, тропа и клепалото. Покрстувачите се движат кон црквата. На сретсело ги пречекуваат и дојдените гости од околните села, кои доаѓаат за славата на селото која започнува вечерта на денот на покрстувањето и трае и третиот ден на Велигден. Кога поворката ќе стигне до црквата, црквата се отвора и внатре влегуваат момчињата со иконите во рацете. Тие ги бакнуваат иконите и ги оставаат на истото место од каде ги зеле утрото. Клисарот то остава клепалото, лопатарот – лопатата, а за тоа време другите учесници, девојчињата и постарите од селото чекаат во дворот на црквата. Црквата се затвора и сите заеднички заминуваат дома. Кога ќе стигнат дома, момчињата и девојчињата нивните домашни ги пречекуваат пред портите со по едно црвено велигденско јајце. Учесниците на покрсти се мијат и се пресоблекуваат во нова и чиста велигденска руба, се руча и се продолжува со подготовката за пречек на велигденските гости.

Попот, притрупот, тропачот на клепалото, лопатарот и кој сака и може од постарите учесници на Покрстите одат на ручек кај домаќинот на покрстите во селото. По ручекот го испраќаат попот и сите си заминуваат по своите домови.

Црквата „Св. Никола“ 2

Велигденската традиција Покрсти била значајна морална и духовна храна, како за постарите, така и за помладите во селото Чумово. Старите биле горди поради тоа што ја продолжиле традицијата на нивните прадедовци и сите сакале да имаат учесници на церемонијата од својата куќа. Младите, кои учествувале на Покрсти биле горди зашто со тоа се чувствувале повозрасни и способни за извршување важни задачи, заменувајќи ги нивните постари сестри и браќа и чувствувајќи се рамноправни со нив. Пред гостите кои доаѓале во Чумово за славата на Велигден било гордост да се каже дека си учесник на Покрсти, како да си учесник на некој важен спортски натпревар. Традицијата Покрсти во Чумово не била штетна за сите режими до комунизмот и затоа се оддржала долго време. Таа била традиција за „заштита“ на селото од секакво зло и молба за богат род во полето и плод кај добитокот и била единствена од таков вид во околните села.

Кажувано од:

  1. Неда Митрева Трајкоска, мајка ми
  2. Мара Митрева Трајкоска, тетка ми
  3. Аце Методиев Апостолоски, мој пријател
  4. Петко Бошески – Писокалец
  5. Рампо Бошески – Писокалец
  6. Павле Бошески – Писокалец
  7. Тоде Бошески – Писокалец
  8. Ристе Трајкоски – Писокалец
  9. Грозда Трајкова Маркоска, мажена во Марул

Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950)“ – од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, КИДЦМ „Калеш Анѓа“, с. Крушевица, Прилеп 2004.