ТРАГИ ОД ПЕЛАГОНСКИ КРАЛЕВИ

ОБИД ЗА ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НА КРАЛСКИ ЛИЧНОСТИ И КРАЛСКИ ЛОЗИ КАЈ ПЕЛАГОНЦИТЕ

За прв пелагонски крал може да се смета епонимниот јунак Пелегон (Пелагон), кој се споменува во епот на Хомер, Илијада. Имено, доколку може да му се верува на Хомер, Пелагон е најстариот водач, односно крал, епонимен херој на Пелагонците, а од него води потекло и водачот на Пајонците под Троја, Астеропај. 1 Фактот дека Пајонците како племе живееле во долниот тек на Вардар (Аксиј), како и покрај реката Стримон, сè до Хелеспонт, оди во прилог на ваквото тврдење. Тоа значи дека племето на Пајонците го населувало и Мариово или барем делот од оваа област кој е расположен покрај долниот тек на Црна Река. Еден податок од поново време, исто така, коиндицира со погоре изнесеното. Имено, познато е дека жените во Мариово до скоро имале нагласена практика да носат товар на главата и тоа стомни, ѓумови, тепсии, котли и сл. и, во исто време, да предат или да работат некоја друга рачна работа. Токму носењето товар на главата е еден од елементите во раскажаните преданија за Пајонците кај Хомер. Некои научни констатации за припадноста на етничката група која го населувала Мариово во антиката, како Пелагонците, на пример, не се противречни на горекажаното, ако се земе дека и тие биле во блиско сродство со Пајонците, ако не и исто племе. И двете етнички групи се споменуваат кај Хомер (во Илијадата) во следните стихови:

Зошто за рода ме прашаш, еј пресрчен сине Плејев?

Јас од Пајонија сум, од далечната грутчеста земја;

Пајонци мажи си водам со предолги копја, што сега

Единаесетта зора ми е, како дојдоф во Илиј.

Родот пак мене ми е од широкострујниот Аксиј,

[Аксиј, што нашата земја со красните води ја кваси]

Што Пелегона го родил, по копјето славен, што вељат,

Мене ме родил, но сега да с’ удриме, Ахиле славен. 2

Кралската гробница

Овие стихови претставуваат обраќање на Астеропај, водачот на Пајонците кои учествувале во војната за градот Троја на страната на Тројанците, на славниот јунак Ахил пред да излезат на мегдан во кој пајонскиот јунак го губи животот. Пред него во војната загинал уште еден славен пајонски водач Пирајхме. Пелегон (Пелагон), кој се споменува како татко на Астеропај, е епонимниот предок на Пелагонците.

Споменувањето на една ваква личност кај Хомер, а поврзана со областа Пелагонија, неминовно не тера на размислување дека Пела­гон­ците се многу старо племе на Балканот и дека многу рано формирале своја заедница на овој простор, односно свое кралство. Тоа нас и на генерациите што доаѓаат нè обврзува да го насочиме нашето внимание кон истражувањето и идентификувањето на културата на просторот на Пелагонија во древните времиња, особено времињата за кои пишува Хомер и периодот кој следи потоа.

Партија од ѕидот на кралската гробница

Освен упатување на потеклото на палеобалканските племиња, Пајонците и Пелагонците, од горенаведените стихови можат да се извлечат и други податоци. Имено, во нив се упатува на извесен факт дека Пајонците, како воини, се карактеризирале со тоа што употребувале „предолги копја“, како и на тоа дека Пелагон бил „по копјето славен“, односно вешт борец со копје. Всушност, на овој начин Хомер не упатува на на славата на Пелагонците, како народ кој бил познат по вештината на борбата со копје.

Менелај Пелагон – Евергет

Според пронајдените археолошки остатоци од просторот на Пела­го­ни­ја се познати двата, погореспоменати, мермерни споменици со натписи на кои се споменуваат двај­ца пелагонски големци. Едниот натпис, датиран во 365/64 г. п.н.е., говори за изве­сен пелагонски крал кој имал добри односи со Атина, па Атињаните му доделиле проксе­нија и еуергесија на Π[…τον Πε] λαγυνων βασιλεα. 3 Другиот споменик со нат­­пис потекнува од 363/2 година и со него Атињаните му изразуваат благодарност на добродетелот на атинската држава, (Менелај Пела­гон) Μενελαος Πελαγον ΜΕΝΕΛΑΟΣ ΠΕΛΑΓΟΝ, висок достоинственик од Пелагонија, веројатно, член на кралското семеј­ство заради воената и финансиската помош која му ја дал на атинскиот стратег Тимотеј во војната против Халкидичаните и градот Амфипол. 4 Иако овој Пелагонец во претходниот период би можел да биде и крал на Пелагонија, најдоцна по 359 г. п.н.е., тој веќе не е тоа и, според документите, тој примил атинско државјанство и живеел во градот Атина, на која претходно и помагал во битките против Пердика III. Во 351 година се споменува во борбите на страната на Атина против Филип II во Тракија. 5 Овој пела­гонски голе­мец од пелагонската кралска куќа, во документите последен пат се спо­ме­нува во 350 г. п.н.е., кога веќе не е во Пелагонија, туку служи како хипарх кај Атињаните. На еден натпис од градот Илион во Елимија, тој е запишан како Менелај, синот на Ара­бај. 6 Овој податок му дал повод на С. Дитенбергер да го поврзе Менелај Пелагонецот со кралската куќа на Линкестите, односно со т.н. династија Бакхијади. Имено, името Арабај е потврдено во ова кралско семејство, а претпоставувајќи дека Линкестите се дел од племето на Пелагонците, Дитенбергер и Менелај го смета како член на оваа ди­на­стија, односно како син на кралот на Линкестите, Арабај. 7 Се разбира, нема до­волно аргументи оваа констатција да биде прифатена како утврдена вистина, особено ако се земе предвид дека е можно присуството на името Арабај и во пелагонската кралска куќа, со оглед на територијалната, културната и етничката блискост на две­те племиња, Линкести и Пелагонци, кои уште Тукидид ги определува како маке­дон­ски. 8 Последните познати настани поврзани со Менелај Пелагонецот се од времето по доаѓањето на Филип II на власт во Македонија, кој и Пелагонија, како и Пајонија и многу други области и кралства од Горна Македонија ги припојува кон својата држава. Користејќи го овој податок за Менелај Пелагонецот, Џ. Р. Елис изведува заклучок дека припојувањето на Пелагонија кон Македонија не било без соодветен отпор на некои личности од аристократско потекло на Пелагонците, кои очигледно до Филип II имале свое кралство. Не сложувајќи се со губењето на автоно­мијата на своето крал­ство и припојувањето кон македонското, некои аристократи и личности блиски на пела­гонското кралско семејство, се решиле да го напуштат, а не е исклучена и мож­носта дека биле прогонети поради несогласување со новонастанатата ситуација. 9 Тоа, веројатно, се должи на нивните загубени интереси, можеби и имот, но и гордоста која, веројатно, ја имале како потомци на кралство кое има долга традиција и води потекло уште од славните хомерски, епски времиња.

Погребната просторија – комора

Дали некој од овие личности – кралот чие име не ни е познато и високиот Пелаго­нец Менелај – имаат нека­кви врски со гробницата кај селата Бонче и Подмол, тешко е да се каже. Научниците споменуваат и други пелагонски кралеви, меѓу кои и кралот Сира за кого В. Пајанковски претпоставува дека е прв пелагонски крал. 10 Тој му бил зет на кралот на Линкестида Арабај, а се знае дека Лин­кестида граничела со Пелагонија од западната страна. Пајанковски, исто така, тврди дека Сира бил во сојуз со македонскиот крал Архелај (413–399 г. п.н.е.) 11 За да ја зацврсти врската со Македонската кралска куќа Сира ја омажил својата ќерка Евридике за македон­скиот крал Аминта III (393/2–370/69 г. п.н.е.), 12 таткото на Филип II. Според одредени прет­пос­тавки, од кралското семејство на Пелагонија потекнува и еден од главните војсководачи на Филип и Александар Македонски, Парменион. 13 Џ. Р. Елис не ја исклучува дури и можноста дека Парменион бил крал на Пелагонија до Филип, 14 а со Филип, значи по 359 година, тој станува еден од неговите главни стратези и војско­водачи и учествува, речиси, во сите поважни битки. Се претпоставува дека, некои големи и успешни битки, се всушност, негово дело. Една таква се смета битката на Филип II со Илирите во 356 г. п.н.е., која се водела токму некаде во Пелагонија, во до­лината на Еригон (Црна Река), 15 значи во татковината на Парменион, во која загинале 7.000 Илири. Илирите како племе кое живеело на запад од Пелагонија се граничело со оваа област и сосема е веројатно дека Парменион имал и поранешно искуство со нив. Во времето на споменатата битка крал на Илирите бил Граб, кој влегол во соју­зот кој го предводела Атина, а во кој влегол и пајонскиот крал Ликеј и тракискиот крал Кетрипор. Вештиот дипломат и воен стратег, кралот на Македонија Филип II, не му дал време на овој сојуз да собере војска против него, туку веднаш го испратил неговиот голем војсководач Парменион против Илирите и кралот Граб. Овие инфор­ма­ции ни се познати, пред се, благодарение на античкиот автор Диодор. 16 Дали и успехот во битката не се должи на познавањето на теренот од страна на Парменион, како и неговото претходно искуство во одбраната на Пелагонија од западните племиња? 17

Портата на кралската градба на Висока

По смртта на Филип, Парменион е еден од главните војсководачи во војската на неговиот син Александар Македонски. Кралството Пелагонија како самостојно или со де­лум­на автономија, опстојувало од непознат датум кој допира во праисторијата до неговото завладување од страна на Аргеадите, маке­дон­ска­та кралска династија од времето на кралот Филип II Македонски (359–356 г. п.н.е.). Доколку се потврди прет­поставката дека Парменион е Пелагонец од кралската куќа на Пелагонците, може да се претпостави дури и дека гробницата кај селото Подмол може да има врска со оваа личност, 18 Дека, пак, таа е гробница на највисоките Пелагонци не треба да се сомневаме, како што не треба да се сомневаме дека и самиот центар на Пелагонците и нивното Пелагонско кралство бил во нејзина близина.

Висока од северозапад 1
Висока од северозапад 2

Исклучителниот потенцијал на материјална култура кој се крие на двата локалитети, „Висока“ и „Старо Бонче“, како и археолошката слика од пошироката околина се голем аргумент во прилог на оваа констатација. Археолошката разработка на овој простор може да доведе до откривање на такви вредности на материјална култура, кои би можеле да бидат вистинско културно и цивилизациско откритие.

1 Хомер, Илијада, 358

2 Исто. Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, Arheološko društvo Jugoslavije, Arheološki muzej–Skopje, 1966, 62, 63.

3 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 199, 200. Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997, 107.

4 Исто.

5 Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, 356 (белешка 79). Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пела­гонија, Жива антика, IV год., 2 том, Филозофски факултет – семи­нар за класична фило­логија, Скопје 1954, 324.

6 Иван Микулчиќ, Пелагонија …, 73. Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, 80.

7 Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија, 324.

8 Tukidid, Povjest peloponeskog rata, 242.

9 Р. Џ .Елис, Македонскиот империјализам, 80, 81.

10 Оваа претпоставка е тешко да се прифати бидејќи имаме многу малку аргументи, како за Пелагонското кралство, така и за пелагонските кралеви. Ако се држиме до вакви претпоставки, тогаш прв пелагонски крал би можел да биде Пелагон, кој се споменува во епот на Хомер, Илијада, каде Хомер вели дека Пелагон е татко на Астеропај, водачот на Пајонците во Тројанската војна.

11 Наде Проева, Студии…, 107.

12 Исто.

13 Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, превод Свето Серафимов, Мисла, Скоп­је 1988, 81.

– Елис посочува еден необјавен истражувачки ракопис на Ц. Ф. Едисон под наслов „Кој бил Парме­нион?“ во кој овој автор сугерира дека Парменион потекнува од владејачкото семејство на Пелагонија.

– Имајќи ги предвид историските и археолошките податоци, Елис изведува заклучок дека некои високи личности од Пелагонското кралство не се сложиле со анектирањето на Пела­гонското кралство кон Македонија и затоа во следниот пери­од се нашле во други кралства, значи избегале. Така, споменатиот Менелај Пелагон, чие име се среќава на еден натпис на мермерна плоча, во 350 г. п.н.е. веќе не живее во Пелагонија. Тоа укажува на фактот дека тој не се сложувал со анектирањето на Пелагонија во Македон­ското кралство.

14 Исто.

15 Исто.

16 Елеонора Петрова, Историја на Пајонија и нејзините односи со античка Маке­донија, Македон­ско наследство, списание за археологија, историја, историја на умет­носта и етнологија, Македонска цивилизација, Скопје 1996, 14.

17 Исто, 78, 79.

18 Името Парменион го среќаваме и на натписи од Пелагонија. Познат ни е еден епиграфски споменик од селото Прилепец – мермерна плоча со името на Марсиа Јулија Парменион, како и еден епиграфски споменик од Стибера кај Чепигово на кој, меѓу другото, се среќава името Парменион. Дали тоа укажува на извесна тради­ција на именување во Пелагонија тешко е да се каже. (Види: Marijana Ricl, Inscriptiones graecae, 90 и 159).