МАРИОВО И ЕРИГОН (ЦРНА РЕКА)

Мариово не може да се замисли без култната Црна Река, во антиката позната како Еригон, која оваа област ја дели на два дела. Таа е извор на живот на жителите на разните населби од праисторијата и од подоцнежните периоди и предмет на боженствена почит и култно третирање, предизвикано од феноменот на немирниот воден тек кој ги сече планините и предизвикува раѓање на буен растителен и животински свет. Дека реките биле третирани како своевидни култови на кои им се дарувале жртви наоѓаме сведоштва и во Илијадата од Хомер 1. Така, како бог се третира реката Ксант, или Скамандар која течела во близина на градот Троја и во која се воделе жестоки и крвави битки на кои често реагирал и самиот речен бог 2, како и Аксиј (реката Вардар) која го „родила“ Пелегон, епонимниот херој на Пелагонците и таткото на Астеропај, јунакот на Пајонците дојдени под Троја од „широкострујниот Аксиј3.

Црна Река 2

Од митологијата е позната Еригона 4, чие име митографите го објаснуваат како „дете на борбата“, но нејзиното несомнено име е „обилен род5, што на некој начин можеме да го примениме и во случајот на Црна Река која за древните жители значела извор на храна и гаранција за опстанок. Дека Македонците граделе култ кон реките нѝ потврдува и старата легенда за браќата Гаван, Аероп и Пердика кои се спасиле со бегање од некој цар во Горна Македонија, во местото Лебаја, кое археолозите не го лоцирале до денес, преминувајќи преку некоја река во Долна Македонија од каде подоцна Пердика го прошорил своето кралство. Откако браќата ја преминале реката таа силно дотекла и ги спречила гонителите да продолжат со гонењето. 6 На оваа река Македонците ѝ принесувале жртви како на спасителка –бог 7. Можно ли таа река да била Еригон?

Црна Река 3

Црна Река, древниот Еригон заслужува многу повеќе внимание, како и многу повеќе труд за да се откријат безбројните преданија и вистинските настани што се случувале по нејзините брегови, на кои се кријат и безброј културни остатоци, од населби, некрополи, култни објекти и сл., меѓу кои и голем број срушени мостови како доказ дека „богот на реката“ бил посилен од секој обид да се зароби во камените премостувања. Сепак овие содржини кои го создаваат мистичниот дух на реката ги предизвикуваат и рибарите и љубителите на природата, но и авантуристите кои следат некои стари карти или само стари приказни за „царот кој сакајќи да оди во воен поход пратил свои луѓе да скријат злато на повеќе места крај Еригон за да му се најде при походот, на нивниот водач му наредил да ги убие своите придружници, а кога тој се вратил во Цариград и самиот бил погубен“.

Мермерен блок со натпис посветен на Посејдон

Во Мариово денес, може да се слушне легенда со асоцијација на прастарите времиња на овој простор која гласи: – некогаш во старо време Црна Река не течела по денешното корито, туку одела директно во Егејско Море. Во тоа време имало некои ламји (ѕверови). Две такви ламји се степале некаде на просторот на кој денес се наоѓаат селата Гудјаково, Врпско и Галиште и разбеснети во борбата мавнале во планината, та ја срушиле. На тој начин Црна Река потекла во тој правец и излевајќи силни води потопила некој град кој се наоѓал кај нејзиниот денешен влив во реката Вардар. 8 Оваа легенда потсетува на прастарите времиња на формирањето на конфигурацијата на денешниот простор кога Пелагонија и Мариово биле под вода, а пред околу 2,5 до 3 милиони години, со поместување на дното на Егејскиот басен овие води се повлекле во него. 9 На фактот „дека Мариово некогаш било море“ потсетуваат и поголем број преданија во овој крај, кои пренесуваат дека некогаш населбите биле на високи места, а на некои врвови и денес има алки на „кои биле врзувани кајчињата“. Кај Георги Трајчев го среќаваме и следново: – Во старо време, Црна минувала низ битолското неогено езеро и истекувала кон Сари–ѓол по железничката линија Битола–Лерин. 10 Има и едно предание кое говори за името на Црна Река кое наводно го добила поради тоа што таа „секој ден зема по некое чедо и зацрнува по една мајка“, но како што истакнува и Трајчев, таа не се вика така поради тоа што е пакосна. – Реката го добила тоа несимпатично име „Црна“ не поради пакостите што му ги прави на околното население, туку од црниот цвет на водата кој изгледа црн како јаглен, во горниот тек, при самиот извор во Демирхисарско, над селото Железнец. Тука големото количество вода, кое блика од подножјето на една стена, има црн цвет од црната железна руда (Магнетит Fе3О4), со кој изобилува тој крај.

Остатоци од стар мост на Црна Река

Што се однесува до името на областа Мариово, тоа и самото има асоцијација на море, а посебно треба да се нагласи дека оваа област постарите жители и денес ја викаат Мориово, како што ја пишувале и постарите писатели. Слично име употребил и императорот на Источното Ромејско царство Василиј II во една повелба од 1019 година која се однесува на правата Охридска архиепископија по пропаста на Самоиловата држава.

На изворот на Црна Река – Железнец, Демирхисарско

Во оваа повелба се споменува името на Мориово (Морихово) кое му е доделено на епископот во Меглен. 11 Од средината на XIV век потекнува уште едно споменување на името Мориово во една повелба на српскиот цар Стефан Урош од 1357 година, со која на вдовицата на кесарот Прељуб ѝ се одредува наследството во кое спаѓа и Мориово. 12 На тој начин имаме потврда дека Мариово не било именувано според царицата Мара, за која се говори во едно друго предание, туку тоа било со постаро потекло и, всушност, е Мориово. 13

1 Хомер, Илијада, превод, предговор, увод и објасненија Михаил Д. Петрушевски, Македонска книга, Скопје 1982.

2 Исто, 359,360,

3 Исто, стих: 153–160, 358,

4 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 209.

5 Исто, 210. Култот на Еригона се поврзува со култот на Дионис кој бил сликан со женствено лице.

6 Херодот, Историја, превод Даница Чадиковска, Зумпрес, Скопје 1998, 552, 553.

7 Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, Скопје 1997, 187.

8 Оваа легенда ни ја раскажа Петко Трајкоски од селото Крушевица во Мариово.

9 Прилеп и Прилепско низ историјата, Општинско собрание Прилеп и Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, Прилеп 1971.

10 Георги Трајчев, Мариово, Македонска библиотека, Софија 1942, 8.

11 Љубен Лапе, Одбрани четива за историјата на македонскиот народ, Државно книгоиздателство на НР Македонија, Скопје 1951, 68.

12 Коста Аџиевски, Мариово и Меглен во средновековните извори (до крајот на XIV век), зборник „Мариово и Меглен низ историјата“, Друштво за организирањена Мариовско–мегленски културни средби, Институт за национална историја–Скопје, Друштво за наука и уметност–Прилеп, Друштво за наука и уметност–Битола, Прилеп–Скопје 2000, 30, 31.

13 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, Растер ком – Прилеп, Прилеп 2002, 40–45.