МАКЕДОНСКИТЕ СТОРАКИ ЏИНОВИ, БРИЈАРЕЈ, КОТ И ГИГ

Судбината на универзалниот, општ македонски идентитет, од неговото настанување до денес е комплексен процес на митолошки и историски собитија, напластени во неколку илјади години на неговото постоење. Додека за историското време имаме, пишани и материјални докази, за митолошкото време и митолошките содржини, кои се дел од општиот македонски идентитет имаме само преданија и легенди, запишани кај разни автори од антиката до денес и пренесувани преку усното предание, некаде целосно, некаде само сегментарно. Сепак, фактот што такви содржини се среќаваат кај разни автори и во дела од повеќе уметнички жанрови, како и во дела со историски содржини, е непобитен. Ова особено важи за легендарните митолошки суштества познати како стораки џинови, чие потекло се поврзува со Македонија, Бријареј, Кот и Гиг. Иако може да се помисли дека се работи за преголема амбиција на мислата да се продре во недопирливите длабочини на времето на создавањето на севкупниот свет, сепак, некои содржини од митолошкото минато на овие простори фасцинираат со асоцијативноста, токму на тоа време на прапочетокот. Приказната за тројцата браќа, џинови од Македонија, е токму со таква содржина и асоцира на прастарите времиња на македонскиот простор, како и на просторот на Медитеранот, односно на времето на бурни геолошки превривања и создавање на геолошка подлога за неговата денешна географска положба и географска форма.

Бријареј, Кот и Гиг во митолошките приказни за постанокот на светот се лоцирани на самиот почеток, по Хаосот од кој се издигнала Мајката Земја и во сон го родила Уран, 1 божество кое, всушност, го претставува небото. Токму Мајката Земја и Уран се родителите на тројцата македонски џинови. Веројатно поради нивниот татко Уран, браќата го носат и заедничкото име Ураниди, 2 што значи синови на небото. Тројцата браќа, џинови имале по педесет глави и по сто раце и тие се првите деца на Мајката Земја, кои ги родила со Уран. 3 Тоа значи дека тие се персонифицирани суштества поврзани со оформувањето на земјата, нејзините посебни делови, континетите, планинските венци, врвовите и севкупниот релјеф. Всушност, тие се персонификација на моќта на природата, на земјотресите, вулканите и тектонските движења. Меѓу нив, најпознат е сторакиот џин Бријареј, кој е познат и како бог на Егејското Море, а се сметал и за господар на морските бури. 4 Тој бил женет со Кимополеја, ќерка на богот Посејдон и со неа живеел на дното на Егејското Море. Некои сметаат дека имал ќерка Еолика, а други како негова ќерка ја сметаат и Етна. На една од ќерките на Бријареј ѝ се припишува и познатиот појас на амазонката Хиполита, 5 кој се среќава во митолошките приказни за Амазонките и митолошкиот јунак Херакле, кого Македонците го славеле како бог и предок на македонската кралска лоза.

На почетокот, боговите се плашеле од овие џинови, кои располагале со огромна физичка сила, па ги држеле затворени длабоко во земјата. Нивната сила била огромна, па во стиховите од Хомер се вели дека Бријареј „со силината е посилен и од својот татко“. 6 Нив ги ослободил врховниот бог Ѕевс за време на неговата Борба со Титаните, во која стораките џинови од Македонија, Бријареј, Кот и Гиг, имале улога на главни јунаци во битката. Фрлајќи триста огромни карпи со своите триста раце, ги победиле Титаните и ги потиснале со карпите длабоко во подземјето, односно ги затвориле во Тартар. 7 Овој митолошки настан упатува на бурни природни, геолошки, односно, вулкански и тектонски настани, во чие средиште се наоѓал, токму просторот на Македонија, заедно со Егејското Море кое, всушност било Македонско Море. Ова, на извесен начин, не потсетува на настаните од пред неколку милиони години, 2,5 – 3 милиони, кога се случиле извесни тектонски поместувања, па според геолозите, дното на Егејското Море се симнало на пониско ниво и во него истекле водите од погорните делови на денешниот Балкан, односно водите на тогашното Пелагонско Море 8 и, на тој начин, се создало новото копно на денешната Пелагонија, областа Мариово и други делови од полуостровот. Една легенда, која се раскажува од жители на Мариово, поврзана со течението на Црна Река или античкиот Еригон, на зачудувачки начин потсетува на тие длабоки геолошки периоди, во кои се пресоздавала географијата на овој простор. Имено, во неа се споменуваат, токму извесни големи суштества, ѕверови, ламји или, можеби џинови, кои во меѓусебната борба успеале да поместат цели планини и да го пренасочат текот на реката. 9

Тројцата браќа, секој посебно имал свои особини, по кои добивале и дополнителни имиња. Бријареј имал и повеќе такви имиња и бил нарекуван и Ајгајон, 10 како и Силниот, 11 а Гиг бил нарекуван “ненаситниот за битки“. 12 Интересно е тоа што и во историскиот период на Македонија, како и во Мала Азија, во антиката, името Гиг, како машко и името Гигаја, 13 како женско име е мошне присутно. Името Гиг се среќава и во Мала Азија 14 и, веројатно е дека тоа има бригиско потекло. Познато е дека Бригијците се поврзани со просторот на Македонија и се сметаат за македонско племе. Бријареј го поврзувале и со Херакле, па дури се вели дека Херакле во постариот период се викал Бријареј. Во врска со тоа и местата познати како Столбовите на Херакле се поврзуваат со името на Бријареј и се сметало дека столбовите, всушност, ги поставил овој џин. 15

Македонските џинови Бријареј, Кот и Гиг се среќаваат и во голем број други митолошки преданија и легенди. Бријареј на врховниот бог Ѕевс му направил голема услуга и при еден друг настан, олимписките богови, Посејдон, Атина и Хера, се побуниле против него и го врзале на небото со сто јазли. За да го спаси, морската титанка Тетида го повикала овој џин со педесет глави и сто раце и тој одеднаш ги одврзал сите сто јазли и го ослободил Ѕевс. 16 Седнат до својот врховен бог, овој џин со ненадминлива сила ги исплашил и самите богови 17 и тие се повлекле пред него, ослободувајќи го Ѕевс. Тој играл улога и на судија во спорот на Посејдон и Хелиос за Истам. Притоа тој го решил овој спор со тоа што Истам му го доделил на Посејдон, а на Хелиос му го доделил Акрокоринт, врвот над Истам. 18

Преданието за македонските џинови Бријареј, Кот и Гиг, не наведува на интересна размисла дека тие биле своевидни култови од најстарите населувања и на областите какви што се Пелагонија и Мариово. Поврзувајќи ги овие митолошки суштества со бурните геолошки периоди на оформување на овој простор – споменатиот настан со истекувањето на водите од старото Пелагонско Море, кое се случило пред 2,5 – 3 милиони години, како и вулканските активности при кои настанале чудесните планини со искуклени планински врвови и разновидни релјефни форми од вулканско потекло на работ на Пелагонија и во областа Мариово, кои се случувале пред неколку стотици милиони, до милијарда години, 19 силно ни асоцираат на неповторливата сила на тројцата браќа и „нивната улога“ во овие настани. На кој начин овие настани останале во човечката меморија, тешко е да се каже. Токму во овие области (Пелагонија и Мариово) можат да се сретнат исклучителни „скулптури“ со чудесни форми – зооморфни, антропоморфни, фитоморфни – кои претставуваат неповторливо природно богатство од непроценлива вредност, а за тоа треба да им бидеме благодарни на моќните природни сили, односно на македонските џинови Бријареј, Кот и Гиг и како такви, треба да ги чуваме. Според геолозите, најголема концентрација на „грамадни релјефни форми“, каква не е забележана ниту во „пошироки рамки“, има во Прилепско, особено на потегот Маркови Кули – Единак. 20 Секоја интервенција врз нив е вистинско злодело и уривање на неповторливиот природен амбиент, кој неповратно го губиме и нема можност за поправање!!!

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 28.

2 Хесиод, Теогонија.

3 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 28

4 Аполониј од Род (Аполониј го нарекува Ајгајон, син на Геја и Понт и бог на Егејското Море)

5 Роберт Гревс, Грчки митови, 379 и 381.

6 Хомер, Илијада, стихови 398 – 411.

7 Хесиод, Теогонија.

8 Прилеп и Прилепско низ историјата, Собрание на општина Прилеп и Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, Прилеп 1971. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, Растер-ком, Прилеп 2002, 8.

9 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II…, 2002, 8.

10 Хомер, Илијада, стихови 398 – 411. (Според Хомер, името со Бријареј го нарекувале боговите, а смртниците го викале Егеон или Ајгајон)

11 Роберт Гревс, Грчки митови, 381.

12 Хесиод, Теогонија.

13 Херодот, Историја, книга II, превод од старогрчки Милан Арсениќ, Матица српска, Нови Сад 1988, 14 и 60, и книга I, 10-13.

14 Исто. (Гиг е името на еден од кралевите на кралството Лидија во Мала Азија)

15 Хомер, Илијада, стихови 398 – 411.

16 Роберт Гревс, Грчки митови, 46.

17 Хомер, Илијада, стихови 398 – 411. Роберт Гревс, Грчки митови, 46.

18 Павсанија, Водич по Хелади, 92

19 Проф. д-р Симеон Јанчев, Анализа на физичко-географските карактеристики на споменикот на природата „Маркови Кули“, Варош, Прилеп, Завршен извештај, ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Скопје 2008, 13, 14.

20 Проф. д-р Симеон Јанчев, Анализа на физичко-географските карактеристики…, 15.