ГОСПОД И ЗМИЈАТА КРАСВА

Кога ги створил Госпо Адам и Ева, ги однесол во рајската гради­на, му одредил што можат да прават, што не можат да прават. Исто така, му забра­нил да не јадат од јабокото. Наминала змијата Красва, ги прела­гала Адам и Ева, ’е послушале, каснале од јабо’кото, косата од телото му попад­нала, само каде што се фатиле, за главата, ги стегнале раците, му останала под мишките, ги стегнале нозете и, меѓу нозете, останала коса.

Кога виделе што направиле, да змијата Красва ги прелагала, од страм се скриле во рајската градина. Госпот ги гледал каде се скриени, ама за проба на нивната реакција, каква ќе биди, почнал да вика по нив. Не са­кале да се јават. Кога му рекол дека гледа каде се кријат се појави­ле, дошле устрамени. Ги прашал:

– Зошто сте постанале голи?

Му рекле, змијата Красва ги прелагала, каснале од јабокото. Гос­под ’е повикал змијата Красва, која дотогаш одела простум, да ѝ суди зош­то ги прелагала. Змијата рекла:

– Сакав да ’е откријам тајната во јабокото, што ќе се случи со Адам и Ева, ако каснат од јабокото. Господ се налутил на змијата, како што стоела исправена, со кавало ‘е удрил пресполу, ’е прекршил, паднала долу и ’е про­колнал:

– Проклета да бидиш, живото со влечење да го живееш! Човеко, од денес, каде да те најде главата да ти ’е толчи и на шип и капина, на боцки, да те фрла, на сонце и дожд да се скапуваш, коска по коска да се распаѓаш и гробнина да немаш!

Змијата му рекла на Господ:

– Кога толку клето ме проколни, човекот го тераш да ме мрази и убива, па затова јас ќе го каснувам да умри и отров во водата што ’е пија ќе му пуштам, да го отрујам!

Господ ѝ рекол на змијата:

– Животни ќе пуштам во водата за да го соберат твојот отров, ма­га­ри­њата и коњите ќе моча’, ќе ’е блажат водата и не можиш ништо да сто­риш!

Господ, тој ден, ги створил жабите, да живеат во сите слатки води, за да го собира’ отруво што го пушта змијата. Исто така, затова, денес секое магаре или коњ, штом ќе поминува преку вода, и колкав товар да носи, зас­та­нува, се помочува и си продолжува затова што Господ го бла­го­словил за да ’е разблажува водата од отрово што го пушта змијата.

Раскажале: дедо ми Јовчески Ристе и татко ми Јовчески Вангел

Од книгата „Македонски народни умотворби од Пелагонија и Мариово“, од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, РИЗНИЦА, Прилеп 2009.