АРИСТОКРАТСКИТЕ ГРОБНИЦИ ОД МАКЕДОНСКИ ТИП ОД ГОРНО СЕЛО, ПРИЛЕПСКО

– Таква концентрација македонски гробници, кои прет­ставуваат простории исцело длабени во карпа, тешко е да се сретнат на друго место на Балканот. За жал, тие до денес не успеале да привлечат соодветно внимание на официјалната археологија, а посебно загрижува фактот што се изложени на диво раскопување, па дури и на целосно уништување со експлоатацијата на гранитен камен. Амбиентот во кој се поставени би требало под хитно да се заштити како културен резерват на специфични културни остатоци од општо цивилизациско значење. Всушност, тоа го заслужува целиот комплекс на археолошки остатоци од населби, култни објекти и природни реткости распоредени околу култниот врв „Златоврв“. Тој како место со древни светилишта значел извор на енергија, која ги привлекувала древните жители кои постојано формирале населби во неговата близина, „додворувајќи“ им се на боговите за кои сметале дека седат горе на врвот со златното јаболко, еден од атрибутите на светиот бог Аполон.

На пат кон Горно Село

Просторот околу Прилеп е преполн со археолошки остатоци од различни времиња. Всушност, овде може да се следат, речиси, сите периоди на цивилизацијата преку безбројните остатоци од културното наследство на Македонија, почнувајќи од најстарите праисториски културни преобразби на човекот од неолитот (каменото време), преку следните праисториски периоди, бронзеното и железното време, архајскиот период, раната антика, периодот на римското царство, доцната антика со почетоците на христијанската култура, средниот век. Континуираното населување на исти простори во различни периоди е евидентно не само на големите и комплексни локалитети како што е Маркови Кули кај Прилеп туку и на многубројните локалитети со помали димензии. Атрактивноста на прилепскиот релјеф, посебно, ја зголемуваат окол­ни­те ридови Златоврв, Градиште кај с. Дабница, Баба со Кукул, Мечка кај Селце и др. со специфичните форми и големиот број вулкански карпи со „култни“ белези кои го прават овој простор единствен. Токму во таквиот амбиент, кој зрачи со култност и древност се формирале и населбите во различните периоди на културниот развој на човекот. Голем број населби биле формирани околу некои од овие ридови кои според денешните остатоци значеле култни собиралишта и „седишта“ на древните богови. Ова особено се однесува на доминантниот карпест врв Златоврв (Сл. 1), на кого, според преданието, стоело златно јаболко, веројатно, како симбол античкиот бог Аполон чии храм се наоѓал на просторот југоисточно од врвот на кој била расположена утврдена античка населба со име Колобаиса. Присуството на храмови на античките богови Аполон и Артемида веќе е потврдено на неколку епиграфски споменици на кои се споменуваат Аполон Етеуданос (Громобиец)1 и Артемида Ефеска2. Познато е дека еден од атрибутите на Аполон е и јаболкото, како симбол на љубовта (Аполон, меѓу другото, е и бог на љубовта).

Локалитетот „Тумба“

На околу 8 km северно од Прилеп, од северната страна на култниот врв Златоврв е расположено малото село Горно Село. Неговиот атар е исполнет со стари културни содржини кои по својот обем, монумен­тал­ност и зачестеност привлекуваат посебно внимание. Меѓу нив, како објекти со репрезентативни форми и димензии се истакнуваат пого­лем број гробници длабени исцело во карпа, во форма на простории со плански распоред. Овие гробници меѓу археолозите се познати како гроб­ни­ци од македонски тип, а некои од археолозите ги нарекуваат и пела­гон­ски гробници сметајќи дека тие му припаѓале на Пелагонците, кои насе­лу­ва­ле дел од рамната Пелагонија, како и голем дел од денешната област Мариово. Всушност, според повеќето истори­ча­ри и археолози тие се етни­чка групација која е дел од поголемата етничка група на Пајонците 3. Пајон­ците кои имале развиена култура и свои кра­ле­ви во IV век пред н.е. се стопиле во големото Македонско кралство со ос­во­јувањето на нивната тери­торија од страна на Филип II Македонски. Пајонците се сметаат за едно од племињата на прастарата етничка група­ци­ја на Бригите кои до железното време ја населувале територијата на Маке­донија во нејзините денешни етнички граници. Како етничка заедница која живее во долниот тек на реката Аксиј (Вардар) Пајонците се споменуваат и во времето на римското владеење, кога и исчезнуваат како етнос под името Пајонци.

Отворена гробница од л. „Тумба“

ГРОБНИЦИ ВО КАРПА СО АРИСТОКРАТСКИ ДИМЕНЗИИ

Гробниците, за кои овде станува збор, се наоѓаат на повеќе места на Горно Село, посебно од југоисточната, западната и северната страна. Од источната страна на ова село, високо над него се издига врвот Златоврв кој завршува со голема карпа во форма на голем заб на чиј врв, според преданието, во некое старо време имало златно јаболко. Интересно е дека јаболкото е еден од атрибутите на богот на светлината, на мудроста, знаењето и пророштвото Аполон, чие име заедно со името на неговата сестра, божицата на ловот и заштитничка на девиците и бракот Артемида се среќава на неколку мермерни споменици кои се пронајдени на просторот под Златоврв. 4 Овде, под врвот Златоврв висок 1422 m, на рамните површини кои се наоѓаат, главно, од источната страна се наоѓала античка населба Колобаиса со утврдување. Таа, исто така, се споменува на неколку натписи пронајдени на мермерни споменици. 5 Нераскинливата врска на овој простор со просторот на Горно Село (Сл. 2), кое се наоѓа во длабоката и зелена долина од североисточната страна на Златоврв, ја покажува присуството на гробници од македонски тип и на двете места. 6

Распадната гробница од л. „Испраена Плоча“

Најголема концентрација на гробници од македонски тип, длабени во карпа, се среќаваат на локалитетот „Тумба“ (Сл. 3), во подножјето на ридот Сурун, на околу 1 km северно од селото, каде во една карпа се издлабени дури пет такви гробници, полукружно распоредени. 7 Овие гробници располагаат со влез со височина од околу 1 m и широчина околу 0, 70 m пред кој се наоѓа дромос (ходник), а внатрешнината располага со две простории од кои една која е наречена преткомора и една комора, односно просторија од неколку квадратни метри во која се среќава и посебно издлабен дел, саркофаг во кој се поставувале моштите (Сл. 4). Во комората се среќаваат и посебно задлабени делови по ѕидовите во форма на ниши каде, веројатно, се оставале прилози, а не е исклучено дека ѕидовите биле премачкувани и со боја и украсувани со разни шари. Сите пет гробници на л. „Тумба“ се отворени, а при истражувањето кое е направено пред повеќе од половина век, е констатирано дека покојниците во нив биле кремирани (спалувани), а пронајдени се фрагменти од керамички садови и метални предмети.  Воопшто,од сите досегашни истражувања на македонските гробници во Горно Село, во археолошките извештаи многу малку се говори за наоди, што е навистина чудно.

Добро зачувана гробница

СИТЕ ПОЗНАТИ ГРОБНИЦИ СЕ ОГРАБЕНИ ПРЕД ДОАЃАЊЕТО НА АРХЕОЛОЗИТЕ

Веројатно е дека најголемиот број од гробниците биле ограбувани многу порано, но не се ретки ни дивите раскопувања на некои од овие објекти ви во поново време. До денес сите познати гробници се ограбени пред доаѓањето на археолозите до нив. Тоа упатува на фактот дека најинтересните наоди од содржините кои ги поседувале овие објекти се наоѓаат во непознати приватни збирки или се на пазарот на дива трговија со археолошки предмети. Освен споменатите пет гробници од локалитетот „Тумба“ во атарот на Горно Село се констатирани македонски гробници и на други места, како на локалитетот „Испраена Плоча“ (Сл. 5), „Грло“, „Мечкина (Лилјачина) Дупка“ (Сл. 6) и други. 8 Вкупниот број до денес регистрирани македонски гробници кај Горно Село е повеќе од 10, што го прави овој простор посебно интересен за археологијата, иако до денес тој не го добил потребното внимание.

Гробница истражувана 2010 година
Гробница истражувана 2010 година

Имајќи предвид дека гробниците кај Горно Село се објекти со впечатливи димензии и форма, често мајсторски обработени во компак­т­на гранитна маса, нема сомневање дека тие им припаѓале на лица од пови­со­ките класи на аристократијата од времето на III–II век пред н.е. во кое се датираат. Всушност, сосема е јасно дека обичните граѓани, односно жителите од ниските слоеви на општеството не можеле да си дозволат  погребување на своите покојници во гробници со вакви димензии. Нивно­то присуство на различни локалитети околу селото, на значително големи растојанија едни од други, укажуваат на посебното избирање на карпата и местото за погребување, на припаѓањето на различните гробници на различни населби од антиката или, можеби на постоењето на населба со значителни димензии некаде на просторот на денешната населба Горно Село и околу неа.

Втората гробница од л. „Испраена Плоча“

…………………………………………………………………………………………

н’ Астеропаја се фрлил, да г’ убие сега пекајќи,

синот на Пелегона што широкострујниот Аксиј

г’ еднаш с’ Перибоја родил, најстарата ќерка од оној

Акесамен, заре токот ја обљубил длабок и вирест.

………………………………………………………………………………………….

Колобаиса се споменува на еден од мермерните споменици пронајдени во манастирот Трескавец, како и на еден мермерен споменик (ара) посветен на богот Хермес со потекло од селото Мажучиште, кое се наоѓа на јужната страна од Трескавец.

6 Освен една гробница од македонски тип издлабена во карпа на л. „Гумно“ во близина на манастирот Трескавец се споменуваат уште 16 други гробници од овој тип кои се пронајдени на истиот локалитет, но кои биле ѕидани со камен. Види: Прилеп и Прилепско низ историјата, 49, Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец, 37.